Извршниот директор на „Фајзер“ Алберт Бурла вели дека е уверен оти животот во Европа ќе се врати во нормала насен. Во разговор за четири европски весници, Бурла кажа дека ковид-19 ќе „стане како грипот“, додавајќи дека „ќе ги имаме вакцинациите и ќе живееме исполнети животи“.

Тој исто така посочи дека американската компанија значително ќе ги зголеми испораките на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ до државите во ЕУ во наредните неколку недели, со што бројот на испорачани дози во вториот квартал од годинава ќе достигне 250 милиони.

Бурла додаде дека кампањата за вакцинација во ЕУ, која се соочи со критики поради бавноста, не би требало да биде споредувана со побрзите кампањи, како на пример оние во Обединетото Кралство или во САД.

Ако ги видите податоците за Европа, мислам дека таа не заостанува зад другите големи држави. Снабдувањето и давањето на дози за 447 милиони луѓе, популацијата на ЕУ во 27 држави, е монументална задача. Она што го забележувам од наша перспектива, е дека таа работи како добро подмачкана машина – истакна Бурла.

Тој смета дека ќе биде потребна дополнителна доза од вакцината на „Фајзер“ за оние кои примиле две дози, една година по имунизацијата, додавајќи оти е можно да биде потребна и годишна вакцинација против ковид-19.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде