Ве уверувам дека сите препораки од конференцијата јас и Владата ќе ги земеме како суштински придонес во остварувањето на нашата заедничка цел. Да изградиме мултисекторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите, рече премиерот Димитар Ковачевски во видеообраќањето на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, организирана од Фондацијата „Метаморфозис“.

Да дадеме наш придонес и поддршка во обединувањето и заедничкиот ангажман на државните институции, медиумите, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор, затоа што ова прашање е наша заедничка одговорност. Заедничка е затоа што дезинформациите имаат за цел да ги поткопаат и да ги стават под сомневање сите демократски вредности на кои е изградено нашето општество-посочи премиерот.

Демократскиот свет, потенцира тој, е под постојан напад од пропагандни центри, чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни.

Порача дека Владата застанува одлучно во спротиставувањето на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите.

Нашите темелни вредности во оваа битка, истакна Ковачевски, се вистината и максималната транспарентност, како и систем за брзо разобличување на лагите со цел да се оневозможи натамошно ширење на дезинформациите.

Во делот на легислативата со измените во казнувањето за кривични дела поврзани со говор на омраза, потсети тој, испративме сериозна порака до дезинформаторите чија цел е да поттикнуваат омраза.

– Мора да бидеме свесни дека битката со дезинформациите нема да заврши брзо. На сите нас треба да ни биде јасно дека нашиот пристап и одговор треба да бидат постојано унапредувани за да ги следат сите иновации на регресивните сили. Затоа порачувам во мое име, и во име на Владата, дека остануваме партнери и активни учесници во оваа наша битка во справување со дезинформациите-истакна премиерот Ковачевски.