Едно од често поставуваните прашања од страна на студентите во текот на студиите е прашањето : “Дали можам да се вработам и да студирам истовремено?”.

Во ниеден законски пропис, ова прашање не е правно регулирано иако е доста актуелно. Регулација на оваа материја нема во Законот за работни односи, каде се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите.

Овој Закон во ниту една одредба не го регулира прашањето дали може работодавачот да издаде решение за вработување на редовен студент.

Дури ни Законот за високо образование не дава одговор на ова прашање.

Но со толкување на правилото дека за да запишување како вонреден студент е потребно кандидатот за запишување да достави, меѓу другото и договор за вработување, произлегува дека студент за да заснова работен однос потребно е да го промени статусот од редовен во вонреден студент. Исто може да се долкува дека доколку е веќе вработен, а сака да се запише на факултет, може истото да го стори само ако конкурира за вонреден.

Разликата меѓу вонреден и редовен студент не е само во однос дали студентот е во редовен работен однос или не е вработен, туку и дека вонредниот студент плаќа повисока партиципација. Висината зависи од тоа на кој Универзитет е запишан, како и правилото кое е регулирано со автономни правни акти дека вонредниот студент е ослободен од присуство на предавања и вежби, а некаде и од полагање на колоквиуми (во зависност од Универзитетските автономни правила).

Значи одговорот на прашањето е НЕ. Само вонреден студент може да заснова редовен работен однос. Сепак редовен студент може да врши хонорарна работа, односно вршител на услуги изразен преку договорите на дело.

Автор на текстот: Мирко Наџаков (дипломиран правник)
Текстот е превземен од порталот goce.mk