Во модерниот изложбен салон „Бела коцка Бермондси” во Лондон во тек е изложбата на најнови слики и цртежи на хартија од англискиот писател и уметник Харланд Милер (роден во Северен Јоркшир, Англија во 1964 година).

Изградувањето на својот ликовен свет Милер првенствено го втемелува врз љубовта кон книгите и изработката на корици и дизајн на принтови за светски познатата издавачка куќа Пингвин, за да потоа својата инспирација ја пронајде во техничката постапка на математички прецизно моделирање на средновековните ракописи и букви.

Низ изложените дела овој уметник ни ги предочува, како еден компактибилен микс со современ ликовен сензибилитет, традиционалните својства на енформелот, поп-артот, акционото сликарство или drip painting-от и апстрактниот експресионизам. Класичната урамнотеженост, чувството за педантност и јасен ликовен израз го достигнува со помош на изработка на букви-калиграфии, кои како знаковни симболи го градат безименото дело во поетска целина, такашто на тој начин делото добива наслов.

Имено, станува збор за комбинација на конструкција и спонтан израз на расположението, комбинација на јасно определен строг цртеж и разбранувана апстрактно-експресивна акција. Зборот е изведен со пресликување на буква врз буква на платното како во компјутерската графика, добивајќи својства на оптичка илузија на перманенто движење слично на кинетичката уметност („Бакнеж”, „Притисок”, „Ако”, „Победа”, „Ветувања”, „Проблеми”, „Далеку”, „Вон”, „Гол” и и сл.). Всушност, буквите во тој илузорен простор ја конструираат и ја зацврстуваат сликата, додека пак чистите хроматски соодноси го индицираат концептуалниот приод во неговото геометриско разрешување.

Интуитивната и спонтаната синтеза на сликарската постапка Милер ја постигнува низ своја призма на отфрлање на формата во корист на материјата, на сведување на чист чин на она што го креира онака како што го креира, на гола егзистенција на акцијата. Пол Валер во една прилика запишал:

Реалноста е апсолутно некомуникативна. Таа е она што не личи на ништо, што ништо не претставува, што ништо не изразува.

За да ја изрази оваа идеја Милер создава евокативна, а не репродуктивна слика, навлегувајќи во платното и постигнувајќи енформелно единство помеѓу неговата душевна состојба и физичкото движење, било со методот на дрипинг, со калиграфија или со импулсивно редење различни структурина материјата („Демоните се вечни”, „Споредено со се ништо не е важно”, „Надминување на оптимизот”, „Нагоре како супер позиција”, „Без наслов”, „Дефинирај загриженост” и сл.). Композициски овие дела потсетуваат во емоционалниот тоналитет и бојата на делата на Василиј Кандински, особено во обликот кој визуелно е овозможен низ неконтролираното движење на потезите со четка.

Очигледна е употребата на топла и сончева палета на жолтата, розевата и портокаловата боја, истражувајќи го потенцијалот на колоритот како влијание врз расположението. Впрочем, експериментите на Харланд Милер откриваат моменти на желбата да се разбие конвенционалното, да се истражува во непознатото, како и моќта да се пробијат границите на реалното и апстрактното. Бојата ја оживува и и вдахнува способност непосредно да влијае на душата на гледачот.

Ликовниот израз на Харланд Милер е еклектичен, без разлика дали тоа го прави свесно или несвесно, следејќи една внатрешна линија на континуитет и доследност на самиот себе.

Автор: Марија Стојческа