Кога станува збор за сликарството на Васко Ташковски (роден 1937 година во Скопје) се има впечаток за посебен сликарски нерв и минуциозно создавано дело, кое пленува со својата колоритна луксузност и компонирање во чиста хроматска целина на акварелни бои.
Тој им припаѓа на оние македонски уметници чие творење се огледа во повеќе ликовни дисциплини: гваш, акварел, графика и цртеж. Ташковски го одразува надреалистичкиот момент во сликарството, успевајќи да ја сочува својата самобитност преку нему својствен продор во фантастичното, истражувајќи го есхатолошкото во човекот и природата.
Она по што е мошне впечатлива надреалната стварност е што гледачот е ставен во состојба, според можноста, да учествува во уметничкото демонстрирање, т.е. да поттикне начин на негово упатување во сферите на непознатото и потсвесното, на сонот.
Основен постулат од кој поаѓа надреализмот како сликарски правец е сонот, бидејќи во сонот човекот се ослободува од владеењето на логиката, неговите мисли функционираат слободно и потсвеста конструира слики од друга паралелна стварност.
Во таа насока, ќе се надоврзам на изјавата на Андре Бретон:
-„Јас верувам во идното решение на привидната противречност помеѓу сонот и стварноста во облик на апсолутна стварност, или натстварност”.
Токму во таков фантазмогоричен свет понира Васко Ташковски, разоткривајќи ја својата нерватура на морбидни, ирационални и органски ткива во еден експресивен колоритен залет на трансформирана реалност.
Исто така, бојата со својот транспарентен интензитет и плошност, поприма разновидни силуетни форми на човечки фигури, предмети, никнати градови на необични места, школки и фосилни остатоци со кои што ги збогатува нејзините изразни можности.
Инспирација ја базира на поинакво толкување на пространи морски длабочини и таинствени предели на еден сосема поинаков свет, со индикација за главната негова преокупација: претстава на човекот и неговата судбина во едно атомско време на нуклеарни војни, еколошко загадување, генетски манипулации и сл.
Со својата магичност и чувство за надреална преобразба на видливите предмети и суштества, тој успева низ асоцијативност да го доведе делото до точка на апстрактност, како и да сугерира чудесно-метафизички предели и појави длабоко вкоренети во неговата свест или потсвест со присуство на човечки лик или животинска форма.
Основниот постулат за ваквото согледување на светот кај овој уметник потекнува од древните метафизички идеи за постоење на врската помеѓу природата-макрокосмосот и човекот-микрокосмосот.
Во тој контекст, мошне темпераментно навлегува во тн космичко-архетипско ликовно изразување и органско-механистичка вивисекција на човекот и бескрајот, што ќе го надоврзе на аспекти од сликарството на Салвадор Дали и неговиот психички автоматизам во кој праизворот може да се согледа само како визуелен, алхемиски и вселенско семантички знак („Пастир”, „Тројански коњ”, „Киклопи”, „Жеден”, „Залив”, „Контролирани енергии” и сл.).
Во својата фантастична визија Ташковски интуитивно внесува повеќе монументалност и ширина, ликовна и содржинска стабилност и продлабоченост.
Честопати неговиот свет исполнет со светлина и живот доаѓаат од небото и самото тоа укажува на единствен симболичко-сликовен израз на божественост каде што живеат само богови ѕвезди.
Метафорично, иако небото честопати е претставено како едемски парк, како престојувалиште на убавото и вонземски радости и чаролии, тоа понекогаш е претставено и како стравичен суд. Оттука, неговото сликарство се трансформира во своевидна метафора на сон и психолошки феномен составен од низа слики и сновиденија кои често произлегуваат надвор од контролата на умот и свеста како посебна проекција и визија, односно се длабоко втиснати во подсвесното јунговско толкување на сонот.
Васко Ташковски и дозволил на имагинацијата слободно да создаде градови, планети што се мега епски во својот ликовен израз, иницирајќи еден вид етичка, филозофска, религиозна порака изразена во современ облик и во форма на цртеж со метафизички призвук.
Во ваквата ликовна постапка на магично обоен амбиент, бојата го симболизира животот на предметите и фигурите, а морбидноста на облиците достигнуваат ретка експресивност. Препознатливоста се огледа во неговото богато творештво, сметајќи го за доајен во втемелувањето на основите на надреалистичкото сликарство на нашето поднебје и пошироко.
Воедно, би сакала да ја навестам престојната негова ретроспективна изложба која ќе се одржи во Националната галерија-Даут Пашин Амам од 14-ти октомври во која ќе бидат изложени дела од сите фази на неговото творештво.
Автор: Марија Стојческа