Храмот Свети Сава е најпознатата дестинација за повеќето туристи кои го посетуваат Белград, но доколку сакате да ја посетите ќе треба да платите влез.

Според известувањето објавено на веб-страницата на Храмот Свети Сава, од 1 октомври ќе се наплаќаат влезници за организираните групи кои доаѓаат со туристички водичи.

За да можат водичите внатре во храмот да зборуваат за православната вера, како и за архитектурата и мозаиците на храмот Свети Сава, како што е наведено на веб-страницата на Храмот, ќе треба да платат влезница. Во спротивно, водичите можат да ја раскажат приказната за Храмот а потоа да ги пуштат посетителите сами да влезат бесплатно.

Како организациски проблеми, водичите напоменуваат дека плаќањето се воведува кон крајот на туристичката сезона, кога аранжманите се одамна распродадени. Загрижени се и за гужвата што ќе се создаде бидејќи многумина ќе влезат поединечно поради ова регулирано плаќање.

Никаде во Европа нема разлика помеѓу обичен, индивидуален турист и оној што доаѓа со група. Ако е платено, сите плаќаат. Нема опција ако дојдеш со водич, организирано, треба да платиш, а ако влезеш поединечно, да не плаќаш, велат туристичките водичи.

Која е цената?

Иако на веб-страницата на Храмот има известување дека ќе се наплаќа влезница, нема објавена цена и начин на плаќање.

„Еуроњуз“ пренесува дека на оваа тема добиле неофицијални, но писмени одговори од Одделението за туризам на храмот Свети Сава.

Тие наведуваат дека цената ќе биде 150 денари по лице и дека ќе биде иста „без разлика на националност и вера“.

Како што велат, од плаќање ќе бидат ослободени децата, учениците и студентите од Србија, Црна Гора и Република Српска, како и сите посети на државни и црковни училишта, универзитети и институции.