Исплатени се трите заостанати плати во „Водостопанство во државна сопственост Скопје, како резултат на синдикалните активности, информира денеска Сојузот на синдикатите на Македонија”. ССМ претходно најавуваше дека ќе побара за претпријатието да се отвори стечајна постапка.
Активностите на АГРО Синдикатот и Сојузот на синдикатите на Македонија дадоа конкретни резултати и во петокот на вработените во АД Водостопанство им беше исплатена една од трите заостанатите плати, а во текот на денешниот ден им се исплатени уште две заостанати плати“, наведе во соопштение ССМ.
Оттаму дополнуваат дека работниците и членовите на синдикалната подружница во АД Водостопанство на РСМ, заедно со АГРО Синдикатот и ССМ, по неколку месечната борба со раководството на АД Водостопанство и претставниците на Владата, обезбедиле исплатата на заостанатите плати на работниците да се случи на крајот на минатата и почетокот на оваа недела.
На исплатата, потсетува ССМ, претходеше и подготовката на штрајк во претпријатието по завршување на сите законски рокови кои истекоа минатата недела за почнување на штрајкот и кој ќе се случеше доколку раководството и Владата не ја разбереа јасната заедничка порака на работниците и ако не ги исплатеа заостанатите плати на вработените.
–Борбата на синдикатот не запира овде. На АД Водостопанство му е потребна промена во однос на усогласување на платите со Законот за минимална плата и надминување на другите внатрешни отворени проблеми со кои ќе се овозможи одржливо функционирање на Акционерското друштво во иднина, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.