Пред повеќе од две недели ги добив првите симптоми на настинка. Со однос на тоа што здравствената состојба ми беше значително нарушена, вториот ден веднаш заминав на лекарски преглед кај мојата матична лекарка.
По прегледот, матичната лекарка ми препиша терапија и ме упати на тестирање за ковид. Одлучив да направам брз антиген тест поради големата разлика во цените, а и затоа што брзиот тест се смета за веродостоен – со него може да се патува 48 часа по добивањето на резултатот, го признаваат на аеродроми, во авиони, сообраќаи и голем круг на дејности се потпираат на резултатите од брзиот антиген тест.
Добив негативен резултат од брзиот антиген тест, со што мојата терапија целосно се пренасочи кон лекување на некоја бактерија која исто така не е детектирана ни во микробиолошкиот тест што го направив истовремено со тест на ковид.
Ги имав сите симптоми на ковид, дури изгубив и вкус и мирис, а кашлицата беше неподнослива до таа мерка што ме будеше од длабок сон на секои 15тина минути. Одлучив да направам уште еден тест, овој пат од аптека. Уредно земав брис од нос и го почекав резултатот, тој беше негативен. По неколку дена, состојбата ми се подобри, а јас продолжив нормално да ги обавувам своите работни активности што вклучуваат и средби со луѓе. Потпирајќи се на резултатот од двата теста, безбедна сум по околината, а веќе и немам симптоми поради кои би требала да се затворам самоиницијативно дома.
По неколку дена од мојата средба со луѓето со кои имав контакт, голем број од нив ми се пожалија дека се болни, некои од нив дури и добиле позитивен резултат на ковид тестирањата.
Најверојатното сценарио е дека јас сум ги заразила сите тие луѓе, бидејќи тие меѓусебно не биле во контакт, да биде некој друг освен мене суспектен.
Откако почнаа да ми јавуваат за резултатите и болестите што ги добиле, се упатив на уште едно тестирање повторно со антиген брз тест, бидејќи според упатствата точноста на резултатите е поголема од 99%. Што значи дека и во двата случаја да сум јас баксузот на кој тестот не му го отчитал вистинскиот резултат, третиот тест мора да е позитивен. Го правам третиот тест кој исто така е негативен, со што јас имам доказ дека можам слободно да се движам низ границите со тој резултат, да посетувам побројни настани, да не одам во изолација и т.н.
Но реалноста е сосема друга, најверојатно сум имала ковид и јас сум причината за заразата на голем број луѓе бидејќи тестовите на кои единствено може да се потпираме цело време ми даваа неточни резултати.
Лекарката ми препорача да направам и ПЦР тест, но јас уредно прашав зошто тогаш постојат брзите антиген тестови ако се неводостојни? Зошто вие како лекари не го кажете јавно вашите сознанија со што ќе спасите мал милион луѓе од зараза кои мислат дека се безбедни потпирајќи се на лажни резултати од антген брзите тестови? Зошто тие се продаваат во аптеките и се едно од најпродаваните производи во изминатиот период? Кому му одговара да прави профит на сметка на јавното здравје?
Дечки, вие од МЗ, па и од Комисијата, треба да си признаете дека поима немате веќе што правите, немате врска што е корона, дали може да се потпираме на резултати од тестовите, не знаете ништо ни вакцините, немате одговор зошто како вакцинирана со две дози поминав многу потешко овој пат одошто првиот кога прележував корона и не бев вакцинирана, признајте ни веќе.
Доволно вашето незнаење ни го наметнувате како одговорност за јавно здравје, доволно полниме џебови на фармацевти, доволно оставаме грдни пари по аптеки за тестови, доволно веќе не држите во кафез со години, а во исто време орагнизирате дочеци за Нова година на плоштади, доволно веќе си експериментирате врз нас.
Признајте дека ништо не знаете, пошто на брод кој тоне, веќе и не му треба кормилар!
Автор: Магдалена Стојмановиќ