Вакцинацијата против Ковид-19 во бременоста не е поврзана со предвремено раѓање и ниска родилна тежина, се вели во студијата објавена во вторник од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Стапката на предвремено породување беше 4,9 отсто меѓу 10.000 жени кои примиле најмалку една доза од вакцината и 7 отсто за приближно 36.000 невакцинирани жени, според истражувачите во неделниот извештај на ЦДЦ за морбидитет и морталитет.

Разликата меѓу вакцинираните и невакцинираните жени не е статистички значајна.

Дополнително, вакцинацијата против Ковид-19 не претставува ризик за доенчиња со ниска родилна тежина, покажуваат истражувањата.

Резултатите од студијата ги потврдуваат препораките на ЦДЦ за безбедноста на вакцинацијата против Ковид-19 во бременоста.

Продолжуваат да се собираат докази за придобивките од вакцинацијата против КОВИД-19 за време на бременоста, вклучително и откривање на антитела во крвта од папочната врвца, напишаа експертите.

Тие исто така посочуваат дека бремените жени со Ковид-19 имаат зголемен ризик од хоспитализација во единиците за интензивна нега, потреба од механичка вентилација и смрт.

Жените кои учествуваа во студијата забремениле помеѓу мај и октомври 2020 година, пред да станат достапни вакцините.

Речиси сите вакцинирани жени ја примиле вакцината во вториот или третиот триместар од бременоста. Околу 96 отсто од нив биле вакцинирани со Фајзер или Модерна, а останатите примиле единечна доза Џонсон и Џонсон вакцина.

Немаше разлика во резултатите врз основа на времето на вакцинација, бројот на дозата и производителот на вакцината.