Незадоволни граѓани од скопското село Бардовци веќе со денови протестираат на улиците и упатуваат порака до надлежните институции, но како што наведуваат, надлежните немаат слух за нивните апели.
Незадоволството ескалираше периодов, но неговата историја е многу подалечна.
Пред три години, владата најави градење на „Прифатен центар за странци“ во општина Карпош, односно во близина на село Бардовци.
Уште тогаш граѓаните се организираа на протест против оваа одлука, но владата и општина Карпош бргу ја повлекоа одлуката, објавувајќи дека „Прифатен центар за странци“ во оваа општина, сепак нема да има.
Таа информација им обезбеди мир на граѓаните од Бардовци, но само на кратко.
Пред извесно време жителите на Бародвци дознале дека е одредена локацијата за градење на „Центар за странци“ и дека локацијата е оддалечен само 600м. од нивните куќи.
Според наводите на граѓанин од Бардовци кој се обрати до нашата редакција, владините институции веќе побарале финансиска помош од ЕУ за градење на овој центар, иако ги смирувале дека одлуката за градење на истиот е веќе поништена.
Забелешките на стотици граѓани кои деновиве протестираат во с.Бардовци се дека општината, МВР и владините институции работат нетранспарентно, свесни дека нивната одлука наидува на отпор и несогласување од локалното население.
Покрај што се гради тајно, Центарот за странци, кој е предвидено да е прифатилиште за 3000 странци, не е предвиден во урбанистичкиот план на општина Карпош и град Скопје.
На кој начин градителите ќе ги обезбедат потребните дозволи и лиценци за работа е уште поголема мистерија.
Медиумски молк
И додека протестите се секојдневие на незадоволните граѓани од с.Бардовци, многу ретко оваа вест може да се сретне во медиумите.
Жителите се незадоволни од незаинтересираноста на медиумите за овој општествено релевантен и за јавноста важен проблем.
Неможејќи да ги користат медиумите и да испратат јавна порака до надлежните, жителите на с.Бардовци се оставени сами на себе.
Афера кафе бар кај „Мавровка“
Тајното градење на објекти, не е новина во Македонија. Преку ноќ никнуваат згради на места каде што до вчера биле паркови.
Населението се жали на пренаселеност и недостаток на зелена површина.
Пред една година актуелна беше и аферата за кафе бар „Фонтана“ кај Т.Ц Мавровка кој почна да се гради без потребните дозволи.
По извршениот медиумски притисок, неговите темели беа урнати, а гласниот владин ПР на тој настан се прикажа како апсолутен дтрибутер на правдата.
Но, додека тоа дефиле беше доволно да ја спушти медиумската прашина и да ги анихилира јавните коментари, објектот чии темели беа скоро урнати, денеска пораснале во цела зграда.
На местото каде што се случуваше владиниот перформанс за уривање, денеска има објект кој е секојдневна глетка за сите што поминуваат покрај.
Законски регулативи и примена
Иако Законот за градење предвидува контрола над процесот на градење, впечатокот е дека контрола врз она што се гради има се помалку.
Законот предвидува заштита на животната средина која се експлоатира за градежни цели.
Иако ЈП „Паркови и зеленило“ објави дека дури ниту дрвјата од дворовите не смеат да се сечат без потребни дозволи од надлежните институции, преку ноќ се сечат дрвја и се подготвуваат парковите, за градежно земјите.
Наместо пошумување и одржување на животната средина, градежните инвеститори водат сметка единствено за профитот. А како и покрај децидните законски регулативи успеваат да обезбедат дозволи и да ги поминат инспекциските проверки, останува енигма за нас кои се исклучени од преговарачките процеси.
Законот за градење, во член 8, предвидува „Заштита од бучава“ при градење, но инвеститорите и градежните фирми имаат се помалку чувство за почитување на оваа ставка.
Па така неретко можете да слушнете огромна бучава која пречи на слушниот апарат од градилишта во урбан простор и покрај сиот сообраќаен метеж.
Законите се кршат грубо, инспекциските служби не интервенираат, граѓаните пријавуваат, но не може да го најдат излезот на административниот лавиринт и да издејствуваат правда.
Во што ќе се претвори Скопје наскоро е непредвидлива околност. Единствено што е јасно е дека, презагаденоста, особено во зимскиот период носи импликации на морбидитети и моралитети.
Додека некој брои пари во рака, други бројат денови поминати на оддели за респираторни заболувања низ клинките.
Автор: Магдалена Стојмановиќ