Владимир Темков (роден 1959 во Кавадарци) им припаѓа на оние современи македонски уметници чие долгогодишно творење продолжува и денес, огледувајќи се во повеќе стилски правци. Како добитник на многу меѓународни и домашни признанија од областа на ликовната уметност, во изминатиов период пред јавноста се претстави со својата ретроспективна изложба на четириесет години негуван цртеж во галерискиот простор на Чифте Амам.

Авторот ни се презентира со поголем број на творби работени во техника акрилик на платно, наоѓајќи инспирација од природата и духовните предели од родната Тиквешија за да направи синтеза со еден современ третман и смисла на ликовниот јазик, особено влијаејќи се од американските мајстори на сликарството на акцијата, неформалната апстракција и лирската медитација во изедбата.

Ова асоцијативно сликарство, во својата лирска вокација индицира спонтан ракопис на слободно нафрлени обоени петна во нивен полн хроматски интензитет, во кои низ дискретен треперлив потег со четката ги оцртува фигурите, со повремено нафрлување на нежна боја, разлевајќи ја во слободни и необврзани флеки. Основен лајтмотив на авторот низ кој го формира својот пластичен сензибилитет е птицата, која се проткајува и се впива во платното симболизирајќи и изразувајќи ја својата лирска природа („Брег на птици”, „Слободна птица околу крпа за плажа”, „Слободна птица” и сл). Воглавно, ова се творби кои некаде постигнуваат пријатна хармонија на светли бои и брзи потези на линијата, а некаде тоа се енформелни, рустикално и грубо сочувани целини. Она што е карактеристично за овие дела е што Темков приоѓа кон специфична лирска апстракција која повеќе продира во концептот на израз на емоциите, односно навлегува во комплексна духовна визија која уметникот ја пренесува на платното.

Оваа т.н. фузија на колористички и линеарни хроматски содржини асоцира на музичките хармонични испреплетени композиции на Василиј Кандински, дела во кои главен дискурс е сликата преточена во слободна форма на нешто сосема ново и непознато. Всушност, тука тој ни презентира едно совршено идејно реализирано дело поврзано на автентичен ликовен јазик на внатрешна комуникација и ритам на емоции, но и интимно чувствување кој стилски е проткаен на апстрактен начин.

Упорноста во решавањето на делото зборува за талентот на Владимир Темков кој колку што е промислен и стегнат, толку е и непосреден, спонтан и експресивен. Така на пример, во некои моменти пејзажот може да му послужи како повод за послободно движење на линијата и бојата во кој, воедно, силните колиристички партии и ефекти укажуваат на отклон во правец кон независна боја-сликарство, т.е. во однос на предметот што го обработува. Освен топли бои, Темков знае да употреби и постудени тонови, задржувајќи ја свежината на потегот, занесот и полетот кои непосредно ги изразува. Напоеноста на сликата е очевиден показ дека уметникот ги работел овие творби со емотивна исполнетост и страст.

Преку неговите цртежи може да се проследи сликарството на експресионистичките предели, низ кои се видливи контурите на предметите од видливиот свет, до продорот во универзалното поле на апстракцијата. Неодамна, презентирајќи ни еден навистина репрезентативен избор на творби, галеријата Чифте Амам ни овозможи неповторливо задоволство да проследиме интересен процес во едно ликовно проседе, кое ги отвори новите простори за ликовни појави во уметноста, но истовремено, ги избриша границите кои ги ги одвојуваа фигуративното од нефигуративното сликарство.

Автор: Марија Стојческа