Кина не може да го прифати планот на Светската здравствена организација за спроведување на втората фаза од студијата за потеклото на ковид-19, изјави висок кинески здравствен службеник.

Ценг Јисин, потпретседател на Кинеската национална комисија за здравство, рече дека е шокиран од планот, а особено од теоријата дека вирусот може да протече од кинеската лабораторија, пренесува агенцијата „АП“. Тој ја отфрли таквата теорија како гласина што е спротивна на здравиот разум и науката.

Невозможно е да се прифати таков план за истражување на потеклото – рече тој на прес-конференција.

„АП“ пишува дека потрагата по потекло на вирусот стана дипломатско прашање што ги влоши односите на Кина со Соединетите држави и многу американски сојузници.

САД и некои други земји тврдат дека Кина не била транспарентна за тоа што се случило во првите денови на пандемијата, додека, од друга страна, Кина ги обвинува критичарите за политизирање на прашања за кои тврдат дека треба да им бидат оставени на научниците.