Кич, евтино и без јасна идеја – така дизајнерите најчесто ги опишуваат ентериерите кои на прв поглед се обидуваат да изгледаат „луксузно“, а всушност зрачат со недостаток на вкус.

Претрупани полици, вештачки материјали што имитираат скапоцени, агресивни бои и несоодветно осветлување се само дел од грешките што, според експертите, го уништуваат просторот.

„Луѓето мислат дека повеќе значи подобро, но во ентериерот тоа речиси никогаш не е точно“, предупредуваат дизајнерите. Наместо тоа, тие советуваат минимален, но промислен пристап. Неколку внимателно одбрани елементи можат целосно да ја променат атмосферата во домот – без големи трошоци и без ризик од кич.

Како едно од наједноставните решенија се издвојуваат живите растенија. Тие внесуваат свежина, природна рамнотежа и чувство на живот во секој простор. Дури и едно поголемо растение или неколку помали саксии можат да направат огромна разлика.

Вториот клучен елемент е осветлувањето. Наместо силна, ладна светлина од еден лустер, дизајнерите препорачуваат неколку светилки со топло светло – подни, столни или ѕидни. Со тоа просторот станува попријатен, подлабок и визуелно порафиниран.

„Неколку живи растенија и добро осмислено осветлување – доволно е“, велат експертите. Токму во таа едноставност се крие вкусот. Домот не треба да изгледа скапо, туку складно, топло и автентично.