Тероризмот базиран на верско-политичката идеологија на „Исламската Држава“ е реалност на современите безбедносни системи која со голема веројатност долго ќе биде присутна во современото општество. Целта на овој труд е да се даде посебен осврт на опасноста од насилен екстремизам и тероризам, кои, како појави и активности, меѓу другото, произлегуваат од несоодветен третман во пенитенцијарните установи. Во таа насока, во трудот се истакнати повеќе аспекти и конкретни случаи на радикализација и тероризам како резултат од непримена и/или несоодветна примена на специјални програми на дерадикализација, како и неефикасна процена на ризик од рецидивизам и потреби на осудени лица. Притоа, обработени се случаи на терористички напади и други активности кои укажуваат на проблемот кој се истакнува во трудот и потребите за изнаоѓање конкретни решенија. Иако казненопоправните установи треба да се суштински партнер/субјект во безбедносниот систем во однос на дерадикализација и исклучување на насилство кај осудените терористи, се констатира дека, всушност, токму затворите во многу случаи одиграле клучна улога во остварувањето на целите на многу екстремистички организации. Имено, несоодветниот третман во затворите овозможува прогрес на насилниот екстремизам и придобивање на нови следбеници, вмрежување на терористи и останати криминалци, размена на искуства, регрутирање на потенцијални напаѓачи итн. Казненопоправните установи се „нож со две острици“, од една страна, институции за ресоцијализација на осудени лица, а од друга страна, „Safe haven“ за терористи или училишта за екстремизам. Одговорноста во однос на тоа што ќе доминира, останува кај политичките фактори и надлежните пенитенцијарни установи.

Сведоци сме на низа стравотни терористички напади кои изминативе неколку години се случија во повеќе градови во Европа. Најчести цели на терористите беа таканаречените „меки цели“, односно  напади на невооружени цивили на фреквентни локации во урбаните средини на европските метрополи без предупредување. Во споредба со минатото каде најчесто се користеле експлозиви како средство за напад, во последните случаи биле користени лесно достапни „оружја“ во остварување на нивните цели. Генерално, сите акти на тероризам во Европа биле организирани, потекнувале или произлегувале од актерите и поддржувачите на идеалите на „Исламската Држава“, односно лица повратници од Сирија и Ирак или лица кои биле во непосреден контакт со нив. 

Голем број „странски борци“ – терористи од паравоената „Исламска Држава“ веднаш по враќањето во земјите на потекло биле осудени и затворени за нивните дела. Оттаму, безбедносните, а во тој контекст и пенитенцијарните системи на современите општества, се соочија со нов предизвик во однос на сузбивање на радикализацијата во затворите, превенција од насилен екстремизам и тероризам, а сето тоа преку процес на ресоцијализација на една релативно нова и специфична категорија на осудени лица. 

Процесот на ресоцијализација кај овие лица, во суштина, претставува процес на дерадикализација (промена на ставови) и исклучување на насилството како метод за остварување на нивните идеолошки цели. Дерадикализацијата во теорија претставува когнитивен процес насочен кон отстранување на екстремните ставови на личноста, а во исто време замена со поумерени ставови. (Карактеристично за терористичките напади што се случија во Европа во изминатите 5 години е тоа што напаѓачите користеле лесно достапни „оружја“ како што се патнички и товарни моторни возила со кои влетувале во поголема толпа народ, како и ладно, полуавтоматско и автоматско оружје)

Третманот на осудените лица во пенитенцијарните установи е сложен, тежок и долготраен процес, а навистина е предизвик кога станува збор за третман на осудено лице-терорист чија идеолошка матрица е силно вкоренета насилно-екстремистичка идеологија. Имено, комплексноста на третманот кај овој профил на осудени лица произлегува од специфичноста на мотивот за извршување на кривичното дело тероризам. Идеологијата на терористите е екстремно силна и уверлива, а при конфронтација на таа тема тие ја бранат со голем емоционален интензитет. Причина за тоа е самиот факт дека сè што е научено во состојба на силна емоционална состојба на умот се вкоренува во мозокот, па дури ја менува и когнитивната сфера, буквално, на невронско ниво. Осудените терористи најчесто не се сметаат себеси за криминалци. Тие веруваат дека се затворени неправедно, заради нивната идеологија и кауза. Дури и по затворањето, тие не ги оставаат зад себе криминалното однесување и нивната идеологија, напротив, по правило, продолжуваат да дејствуваат и во нови специфични затворски услови каде ја зајакнуваат својата идеологија, вршат влијание и се вмрежуваат со останатите осудени лица. 

Заклучок

Несоодветниот третман во пенитенцијарните установи може да продуцира ризик од терористички напади, а како последица од неконтролирани активности на радикализација и насилен екстремизам. Отсуството на примена или неефикасна примена на специјални програми за рехабилитација на терористи во затворите, може да се одрази на штета на целокупниот процес на ресоцијализација. Имено, неопходно е засегнатите земји и нивните пенитенцијарни системи, во континуитет да работат на креирање и примена на соодветни програми за рехабилитација (дерадикализација) и реинтеграција на осудени лица – терористи, а за ефикасен и функционален третман потребно е создавање на сите неопходни кадровски, организациски и технички услови во затворите. 

Рехабилитацијата и реинтеграцијата на осудените лица – терористи содржат низа предизвици на лично и институционално ниво, а тоа се должи на активностите во минатото што индивидуите ги поминале, лично или како дел од терористичка организација. Имено, нивните социоопштествени односи најчесто биле ограничени во рамките на групата или организацијата, а нивниот личен идентитет го граделе во согласност со колективот. Според тоа, градењето на нов идентитет, повторното менување на перцепцијата кон светот, реинтеграцијата кон поранешни социјални друштва или потрагата кон нови, се сериозни предизвици со кои осудените лица не би можеле да успеат без стручна помош и поддршка од општеството. 

Потребно е програмите за дерадикализација да вклучуваат мерки и активности преку кои ќе се спротивставуваме на екстремистичката идеологија, а преку разобличување на погрешни и општествено-штетни политичкоидеолошки вредности. Во процесот на рехабилитација кај осудените лица – терористи потребно е да се идентификуваат и создаваат можности и околности кои предизвикуваат сомневања за нивните дела и ставови. Треба да се детектираат, посочуваат и истакнуваат идеолошки контрадикторности, двојни стандарди на лидери во однос на следбеници, можности за подобар социоекономски стандард и слично. 

Особено внимание треба да се посвети на пристапот и конфронтацијата со осудените терористи, што претставува исклучително тешка и комплексна активност и затоа е неопходно да се изврши адекватен избор на програма, личност, тема, динамика итн.  Мерките за стимулација во рехабилитационите програми, преку ефикасно организирање на издржувањето казна затвор, треба да содржат поволности како што се овозможување на квалитетна здравствена заштита, општо и верско образование, стекнување вештини, спорт и рекреација, евентуално склучување брак и слично. 

Воедно, во програмите, од исклучително значење се организираните активности во кои би биле вклучени членови на семејствата на осуденото лице, семејства на жртвите од тероризам, почитувани и кредибилни верски лица, теолози, влијателни личности од општествено-политичкиот и културниот живот, а во некои случаи и поранешни рехабилитирани терористи. 

Во согласност со дадените услови и можности, треба да се користи секоја прилика за креирање и спроведување на организирани, насочени и плански активности за дерадикализација и исклучување на насилство кај екстремни структури во казненопоправните установи, но и надвор од нив. Имено, програмите за рехабилитација на терористи, неопходно треба да ги третираат осудените лица и во постпеналниот период, каде, всушност, тие се соочуваат со нови пречки и предизвици. Реинтеграцијата на поранешните терористи во општеството е потешка во однос на останатите поранешни осудени лица. По издржувањето на затворската казна тие често се соочуваат со двојна стигматизација во општеството, како поранешни осудени лица, а воедно и како поранешни терористи. Оваа тема заслужува посебно внимание.

Рехабилитацијата и реинтеграцијата на осудените лица – терористи налага потреба од колективна акција на сите општествени фактори. Имено, покрај казненопоправните установи, за успешна реинтеграција на осудените лица – терористи, неопходно е и учеството на други фактори меѓу кои би ги истакнале безбедносните органи, локалната самоуправа и микрозаедниците, образовните институции, Исламската верска заедница, цивилното општество и, секако, семејството и пријателите.

Опасноста од насилен екстремизам и тероризам е реалност која постои и понатаму ќе опстојува паралелно со сите останати општествени појави. Сузбивањето на екстремистичката идеологија и превенцијата од тероризмот е голем предизвик дури и за најразвиените држави. Успехот за дерадикализација на терористи и спречување на потенцијални терористички напади останува неизвесен, но и покрај тоа, засегнатите држави треба постојано да работат во насока на изнаоѓање на нови идеи и решенија за подобрување на капацитетите на пенитенцијарните системи, а со единствена цел – побезбедно општество за сите.

(Апстракт од текстот објавен во Мегународно Научно Списание БЕЗБЕДНОСТ)

Автор: м-р Бојан Христовски,
магистар на науки од областа на Криминалистиката и Криминологијата

ИЗВОРМој Збор
претходниот член,Зошто не смеете да пиете алкохол пред и по вакцинирање за ковид
Следната статијаПоглаварот на ИВЗ со апел да се почитуваат мерките против ковид

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде