Доколку сте се соочиле со непријатна ситуација во која, на каса плаќате поскап производ од цената која е истакната на изложното место на производот, тогаш треба да знаете дека сте се нашле во ситуација која е казнива со закон. Без разлика дали станува збор за случаен пропуст на трговецот на мало, или за „маркетиншки трик“ со кој трговецот сака да направи измама за потрошувачите, цените на производите мора да бидат јасни, недвосмислени и уредно истакнати на секој продажен производ.
Оваа обврска на трговецот му е пропишана со член 8 од Законот за потрошувачи каде што стои дека:
Трговецот мора на јасен, видлив, читлив и недвосмислен начин да ја истакне продажната цена на производите и услугите, односно на продажното место на кое се изложени производите, на производите во рефузна состојба, на услугите кои ги дава и на резервните делови кои ги продава.
Интересно е што овој член од Законот за потрошувачи важи и за понудувачите на финансиски услуги како што се осигурителни компании, заложни куќи и сл. Па доколку се соочите со рекламен трик дека можете да земете пари со 0% денари камата, а на потпишување на договорите за заеми, сепак прочитате дека има скриени трошоци и дополнителни камати кои имате обврска да ги намирите, имате основ за поведување прекршочна постапка против понудувачот на финансиските услуги.
Согласно член 138, став 2 од Закон за потрошувачи доколку трговецот на јасен, читлив, видлив и недвосмислен начин не ја истакне цената на поризводот или услугата предвидена е глоба во износ од 700 евра во противденарска вредност. Надлежно тело за спроведување на надзор е Државниот пазарен инспекторат, чиј контакт број исто така мора да биде истакнат на продажното место.