Партнерскиот однос е многу комплициран и заснован на различни вредности, емоции и интереси.

Сепак универзална цел на партнерството е да им овозможи на двете единки да се унапредуваат, развиваат, доживуваат среќа, радост и заедно, удружено и сплотено да ги решаваат животните проблеми.

Но многу често љубовта преминува во навика, среќата се намалува и се заменува со „во името на старите добри времиња“ и скоро да е невозможно да забележите кога партнерскиот однос ве прави несреќни.

Ви советуваме да се фокусирате на неколку знаци кои ќе ја откријат вистинската состојба во вашата врска:

Изглед 

Колку и дали воопшто посветувате време на својот изглед, открива во каква состојба е вашата врска.

Ако вашиот изглед се подобрува и постојано добивате комплименти дека се разубавувате, тогаш сте во среќна врска.

Внатрешната состојба се одразува на нашиот изглед и многу често среќата се гледа во добриот, свеж изглед и радосните црти на лицето.

Напредок 

Ако заборавивте на сите ваши планови за иднината и немате на што да се надевате или што да исчекувате со нетрпение, веројатно сте во ќорсокак а да не сте ни свесни за тоа.

Напредокот на една индивидуа може да се случува само доколку таа се наоѓа во стабилна и среќна врска, односно доколку нема проблеми кои ја опструираат во напредокот.

Социјални контакти

Кога луѓето се во среќна и стабилна врска тие ги умножуваат контактите со другите луѓе, постојано запознаваат нови луѓе и заеднички доживуваат нови искуства.

Луѓето кои се наоѓаат во врски во кои партнерите се љубовморни, посесивни, опсесивни, или премногу свртени кон други работи а не кон заедницата, тогаш социјалните контакти се ретки.

Понекогаш е добро да ги прашате луѓето околу вас како ве доживуваат, тие неретко грешат во процената на статусот на вашата врска по комуникацијата што ја имате со нив, а која за вас е можеби на ирационално ниво.

Досада 

Секоја врска има фаза на еуфорија и ентузијазам кои со тек на времето нормално е да опаднат, но тогаш врската не преминува во досада туку во стабилност.

Единствено нешто што се менува е амплитудата на возбуди при доживување на нови работи.

Кога е стабилна врската тоа ви дава сигурност и отворена можност да истражувате што повеќе, да се задлабочите во аспекти на појавите кои претходно не сте ги виделе.

Кога врската е досадна, вие губите интерес да разговарате, немате заеднички интереси, подобро си поминувате кога не сте заедно, отколку кога сте заедно.

Тоа укажува дека другиот почнал да ви станува товар и дека врската нема „светла иднина“.

Стрес 

Врската во која уживате не ви е стресна, туку мирна и предвидлива.

Стресот настанува кога сте во постојано исчекување што ќе се случи, каков развој ќе имаат настаните, кога не сте сигурни во нечии одлуки кои ве вклучуваат и вас.

Кога сте во стресна врска, често го менувате расположението, а да не сте ни свесни за тоа.

Промената на вашето расположение уште толку ја продлабочува кризата на врската.

*Среќата не е еднаш заработена состојба која има бесконечен рок на траење, таа е континуирана заедничка работа на заедницата.

Ако забележите дека станувате несреќни во врската не трошете си го времето и животот на нешто што ќе заврши порано или подоцна.

Во животот ве чекаат многу нови работи, кои за да ги доживеете прво треба да расчистите со старите!

Автор: Стојмановиќ Магдалена