Да се познава еден јазик, значи многу повеќе од тоа да се биде писмен и да се говори. Јазикот ги носи слоевите на времето, во него се фосилизирани сите тајни, верувања, очекувања, желби, универзални човечки потреби и стравови. Тој е најнепосредното нешто за секој од нас.

Токму поради јазикот не сме сами и осамени. Нашите разговори со другите се јазик, читањето книга е јазик, комуникацијата со објектите од природата е јазик, нашите мисли, исто така се јазик.

Австриско-британскиот филозоф Лудвиг Витгенштајн во делото „Филозофско-логички трактат“ ќе потенцира дека: „Границите на нашиот јазик, се граници на нашиот свет“. Знаењето за светот завршува онаму каде што не постои јазична определба за сведоштвото.

Спаир и Ворф ја претставуваат т.н „Сапир-Ворфова хипотеза“ со која тврдат дека јазикот го креира светогледот. На пример Хопи Индијанците немаат концепт за „идно време“, а тоа е видливо од јазикот во кој не постои честичка „ќе“ или друга определба за настани во идно време.

Мислите, покрај светогледот, исто така се структурирани благодарение на јазикот. Постои ли мисла без јазик? Дефинитивно не, секоја мисла се преведува со јазик, не можеме да мислиме без јазикот.

А дали постои јазик без мисла? Да, дури и папагалите може да ве повторуваат или софтверот од вашиот комјутер да произведува смислени реченици.

Според Виготски, условеноста на мислењето од јазикот се потврдува во развојните фази на когницијата кај децата, тие прво почнуваат да зборуваат, а потоа да мислат што се рефлектира во способност за градење на првите спомени.
Претставниците на прагматичките теории, тврдат дека јазикот освен мислата, може да ја помени и општествената реалност. Говорните чинови како инаугурации, склучувањето на бракови, сведочењето на суд и сл. придонесуваат за создавање на промена во општествената реалност. Џорџ Остин, смета дека институционалните факти се директна последица на говорните чинови и дека без говорните чинови не би можеле да постојат ниту институции како: брак, суд, Собрание и сл.

Јазикот е творец и на нашиот личен идентитет. Платон во дијалогот „Ион“ застапува натуралистичка теза за потеклото на имињата. Според Платон личните имиња ги пресликуваат нашите есенцијални својства, на пример Златко е „златен“, Мира е „мирољубива“ и сл.

Јазикот е творец и на нашиот колективен идентитет. Благодарение на јазикот создаваме „мрежа“ на социјални односи во кои опстојуваме и каде ги реализираме нашите потреби, градиме тимови, основаме претпријатија, договараме заеднички излегувања. Затоа, јазикот не е ничија сопственост и тој не може да опстои без да има говорители кои секојдневно го „подражаваат“ јазичното наследство, но и го реконструираат. Јазикот е „мимезис“ и „креација“ истовремено, живо битие кое го одржуваат неговите говорители.

Македонскиот јазик е непосредна реалност, за секој кој го говори, неговата онтологија не може да биде негирана се додека постои барем еден жив говорител. Со кодификацијата, Блаже Конески ја даде главната колективна идентитестска определба – Јазикот е наштата татковина, ќе рече Конески.
Додека го чуваме и негуваме, ќе постоиме, без јазикот и идентитетот човекот е само голо физичко постоење. Античкиот идеал „Спознај се самиот себе“ може да се преведе како „Спознавајќи го јазикот што го зборуваш, се спознаваш себе“.

Автор: Магдалена Стојмановиќ