Ивица Алексовски е тренер за Бразилска Џиу-Џица, прв црн појас во БЏЏ, Сениор инструктор во Jeet Kune Do, Претседател на на Македонската Федерација за БРАЗИЛСКА ЏИУ ЏИЦА и сопственик на клубот по боречки спортови The strongest. 

Во интервјуто за Мој збор, Алексовски ни откри каква е улогата на тренерот по боречки вештини во растот и развојот на младиот човек и зошто се сѐ почести апелите на федерациите за боречки вештини, тие, да станат дел од задолжителното образование на децата и младите.

Покрај тоа, Ивица ја раскажа и личната приказна со боречките вештини и уделот што тие го имале тој да стане успешен на многу полиња. Иако, тоа што боречките вештини се третираат како дел од физичкиот и телесниот развој и бенефитот од нив е очигледен на телесно ниво, сепак тие имаат и големо влијание во обликувањето на духовната димензија кај поединецот. За тоа кои вредности, навики и ставови се карактеристични за поединците кои практикуваат боречки вештини, ви откриваме во денешниот разговор со Ивица Алексовски:

  • Што за тебе значат боречките вештини и каков удел имаа во обликување на твојата личност, живот, ставови и навики?

Алексовски: Боречките вештини имаат голем дел од мојот живот. Во почетокот кога ги изучувате се фокусирате само на оној техничкиот дел, да совледате нешто ново, да научите нешто ново, да го зајакнете телото.

Но колку повеќе сте во полето на боречките вештини, гледате дека сите принципи што ги имате во боречките вештини, ги имате и во секојдневниот живот. Она што го учите во сала, лесно можете да го примените и во секојдневното функционирање.

Низ долгогодишно мое искуство од 35 години, можам да кажам дека има силна врска помеѓу нашиот секојдневен живот и принципите и правилата што важат во боречките вештини. Денеска во одредени полиња сум успешен токму благодарение на доследна примена на тие принципи во други области од моето дејствување.

  • Моментално се наоѓаме во салата за вежбање на The strongest и она што на прв поглед може да се забележи е значително присуство на млади луѓе, па патем ми дојде и идејата дека можеби постои тесна врска помеѓу образување и едукација на младината и боречките вештини. Дали ти како тренер по боречки спортови и мајстор по боречки вештини со педагошка одговорност ја разбираш својата улога?

Алексовски: Ако мене ме прашате, јас боречките вештини би ги ставил да бидат дел од основното образование. На пример во поразвиените земји, во класичниот образовен процес можете да сретнете предмети каде се вклучуваат џиу-џица, џудо и други боречки вештини.

Модерното општество увиде дека со примена на овие начела од боречките вештини се постигнува ефект на поконкретно прилагодување на младите луѓе кон оние општи социјални норми и други работи кои општеството ги бара од нив. Денеска образованието се соочува со низа проблеми и предизвици.

Боречките спортови и салите за боречки вештини се добар пример каде сите делуваме заедно и ние како тренери и родителите дома со цел да можеме едно дете да го извадиме на прав пат. Сите оние вредности кои ние ги практикуваме од хигиена, другарство и социјализација гарантирам дека на тоа дете понатаму ќе му помогнат.

Сѐ почето родителите ги праќаат децата на јазици или уметности, но сметам дека треба да ги праќаат и на боречки вештини, особено бидејќи денеска со технологијата и седентарниот начин на живот е доста занемарен физичкиот развој.

  • Иако боречките вештини, како што и ти спомена се важен дел од физичкиот и телесен развој на младиот човек, не можеме да го избегнеме и фактот дека тие со себе носат значајна духовна димензија. На пример боречките вештини можат да не научат на самоконтрола, нѐ учат кои се нашите можности на телото во смисла на сила и во смисла на слабост. Дали ќе се согласиш и дека тој духовен и вредносен аспект се исто така бенифит од тренирањето на боречките вештини?

Алексовски: Боречките вештини не само физичкиот дел, тие без ментален дел не се комплетни. Треба да ги поделиме на боречки спортови и боречки вештини. Сите боречки спортови произлегуваат од боречки вештини. За жал денеска, фер плејот е на пониска гранка, имаме повеќе циркус одошто треба во насока на прикажување на самиот спорт.

Сѐ е тоа заради поголема заработувачка.

Боречките вештини без делот во кој треба да учиме за тоа што значат: респект, хиерархија, хигиена и т.н. – е нула. Еве јас лично на пример, после 35 години практицирање боречки вештини, па да не претерам во скоро 27-28 години – медитирам, правам вежби за дишење, разни други работи кои ми помагаат духовно да се развијам.

На пример, ако земеме да го работиме само физикусот, тоа е во ред, но резултатот ќе се види само однадвор. Ако почнеш да работиш и на менталниот дел, тој не се гледа на прв поглед, но во подолг временски период поминат во комуникација со другите, тие ќе го сфатат и внатрешниот дел. Поготово ние како тренери кога пренесуваме знаење и вештини, мора да вложиме многу енергија.

Не може да го направиме тоа пластично, во смисла јас така сум го научил тоа што го пренесувам, татко ми така ме научил и тука завршува приказната. Доколку ние ментално не се усовршуваме и надоградуваме, не можеме ни да бидеме учители на нашите ученици.

Со тек на време ако ученикот учи, а учителот не, тој ќе го надмине многу бргу учителот. Што не е лошо, но ние не треба да учиме само до 25-30 години. Јас денеска има 47 години и секојден нешто пребарувам, учам, љубопитен сум.

 

  • Која е корелацијата на боречките вештини и моќтта? Како боречките вештини влијаат врз добивање сопствена моќ и доколку тие учат како правилно да ја дистрибуираме моќта што ќе ја добиеме, во смисла да не станеме самоволни, насилсни, а сепак да имаме физичка сила и да изреагираме доколку сме сведоци на насилство или некоја неправда во насока да го прекинеме тој процес или да го спречиме?

Алексовски: Во една група, значи во еден клуб, имаме од припадници на сите возрасни групи, имаме и машки и женски лица, имаме различни темемпераменти, некој што е многу повлечен и некој што е пожив.

Улогата на тренерот е секој поединец да го насочи и да му ја „најде мерата“.

Иако групите се доста хетерогени, боречките вештини ги учат да имаат почит еден кон друг. Ако отидеме во едно училиште и бараме наставникот да го извади од децата тоа чувство за меѓусебна почит и еднаквост, тој веројатно ќе се соочи со проблем бидејќи начинот на учење и предавање е сосема друг.

Овдека тренерот е најдобар и најдокажан во цела група и затоа се знае хиерархијата. Тренерот постојано во борба треба да докажува дека е најдобар, додека во класичниот систем наставниците не се постојано изложувани на тестови од страна на нивните ученици и затоа го губар кредибилитетот и хиерархијата.

Боречките вештини многу помогаат и кога ќе дојде да тренира некој во кој е концентрирана голема општествена моќ, тој тука мора да се прилагоди на правилата на боречките вештини и со самото тоа егото се трга настрана и поединецот е подготвен да учи. Затоа сметам дека сите без исклучок треба да тренираат боречки вештини.

  • Дали боречките вештини имаат голем удел во оформување на новите идни лидери во општеството помеѓу младите луѓе?

Алексовски: Лидерството во нашите школи се гради постепено. На пример кога во салата за тренинг ќе дојдат некои големи и крупни момчиња да вежбаат бразилска џиу-џица и мислат дека се многу силни, но кога ќе видат дека некој што е поситен во градба од нив со примена на техника ќе ги свитка и победи, веќе следниот тренинг тие доаѓаат нормални, веќе нема его. И сфаќаат дека боречките вештини не се прашање на физичка конституција, туку на тренинг и работа.

  • Колку боречките вештини имаат удел во здравиот и нормалниот раст и развој на младината? Со однос на тоа што луѓето што практикуваат боречки вештини имаат свои животни навики кои исклучуваат пороци, лоши и штетни животни навики, дали тоа е аргумент плус боречките вештини да станат дел од задолжителното образование?

Алексковски: Сите редовни членови на клубот, се дојдени да им биде убаво и пријатно. Тоа е првиот впечаток кој ги привлекува, атмосферата ги прави среќни. Се интегрираат во групата, се поврзуваат членовите помеѓу себе создаваат некоја синергија и креативна енергија и тоа е добро за нивниот психолошки развој.

Тие полесно се социјализираат и создаваат други контакти во општеството благодарение на принципите на групата што ние ги имаме тука. Сите сме еднакви освен тренерот, се почитуваме помеѓу себе, почитуваме фер борба и се помагаме.

Така што мислам дека на крајот на денот, дали ќе дојдете тука да го убиете стравот, да се чувствувате поубаво или поради здравје, на крајот стигнувате сите на иста дестинација, а тоа е дека боречките вештини стануваат важен дел од вашиот живот и учествуваат во конституирање на вашата личност.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ