Оливер Андонов, поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи, денеска пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ ја објави „фракцијата за демократско ревитализирање“, која, како што рече, паралелно ќе делува во најголемата опозициска партија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција по повод новата фракција во партијата, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја урива оваа Влада се до организирање предвремени парламентарни избори, одговарајќи на новинарско прашање што ќе прави партијата после пропаднатата иницијатива за одржување референдум против Договорот за Бугарија.

За тоа дали опозициската партија ќе ја поддржи иницијативата на Левица, рече дека „играта на поднесување иницијативи можеме да ја играме до бескрај“, но дека е направен преседан со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за што претседателот на Собранието еден ден ќе одговара.

– Но видовте ние поднесовме иницијатива која е согласно законот и Уставот. Еден човек во Парламентот се става над сите закони и над Уставот и креира преседан. Тој преседан многу скоро од денеска ќе стане пракса, а за да не стане пракса треба тој што го креирал тој преседан да одговара. И ќе одговара еден ден, бидејќи тој нема да биде вечно на тоа место, неговата партија нема да мести судии и обвинители, ќе биде многу скоро во опозиција и за неговите постапки тој човек ќе одговара – рече Мицкоски.

Тој исто така истакна дека опозицијата поднела барање за оставка на Ковачевски поради воено дезертерство.