Инстаграм неодамна соопшти дека детално ќе почне да ги проверува годините на своите корисници. Апликацијата сега активно работи на тоа поради што споделувањето на датумот на раѓање ќе биде задолжителен за сите корисници.

Социјалната мрежа воедно ќе биде забранета за деца помлади од 13 години.

По ова ажурирање кое најверојатно ќе се случи овој месец нема да можете да пристапите до Инстаграм додека не го наведете својот роденден, дури и ако профилот ви е наменет за компанијата или домашниот миленик. Датумот на раѓање нема да биде јавно објавен.

Верификацијата на возрасната на Инстаграм е опционална примена која започна да се користи во 2019 година. Оваа опција корисниците до сега можеа да ја игнорираат, односно прескокнат, но од сега тоа нема да биде можно.

Корисниците кои ќе внесуваат лажен датум на раѓање ќе бидат блокирани.

А, за да спречи внесувањето на лажен датум и препознавање на годините на корисниците, апликацијата ќе ги користи своите познати алгоритми. Ќе ја проверува заедницата со која корисникот е во контакт, роденденските честитки, па дури и останатите профили како што се профилите на Фејсбук и Gmail.

Оваа одлука доаѓа по големиот број критики на сметка на оваа социјална мрежа, дека негативно влијае врз здравјето на децата и тинејџерите, а покрај тоа, постојат и многу профили на Инстаграм кои споделуваат неприкладни фотографии за деца.

Ова делува како потег кој има за цел да ги спречи таквите работи, но секако потег кој нема да биде омилен помеѓу заедницата која ја цени својата приватност.