Во протелта 1940 година кога нацистите ја прегазуваат Франција од север, најголем дел од еврејското население се обидува да избега од земјата. За да ја преминат јужната граница им биле потребни визи за Шпанија и Португалија па десетици илјадници Евреи, заедно со многу други бегалци, го опседнуваат португалскиот конзулат во Бордо, во очајнички обид да добијат едно парче хартија што ќе им го спаси животот.

Португалската влада им забранува на конзулите во Франција да издаваат визи без претходно одобрение од Министерството за надворешни работи, но конзулот во Бордо, Аристидеш де Соуза Мендеш, одлучува да не ја почитува оваа наредба, со што во вода ја фрла својата 30 годишна дипломатска кариера. Како што нацистичките тенкови се приближувале до Бордо така Соуза Мендеш и неговиот тим неуморно работат 10 дена и ноќи, без сон, издавајќи визи и удирајќи печат на ливчињата хартија.

Соуза Мендеш издава илјадници визи пред да колабира од исцрпеност. Португалската влада, која нема желба да ги прифати овие бегалци, праќа агенти да го вратат непослушниот конзул во земјата и тој е разрешен од служба во Министерството за надворешни работи.

Па сепак, службениците на кои воопшто не им е грижа за страдањата на овие човечки суштества, покажуваат особена почит кон документите. Па така, визите издадени од Соуза Мендеш, и покрај забраната, еднакво ги почитуваат и француските и шпанските и португалските бирократи, со што се спасуваат околу 30.000 луѓе од канџите на нацистите.

Соуза Мендеш, вооружан единствено со еден гумен печат, е одговорен за спасувачка операција на еден поединец во време на Холокаустот.