Кога ќе се соберат членовите на католичката и евангелистичката верска заедница, кои се двете најголеми христијански цркви во таа земја, се гледа дека нивниот број паднал под 50 отсто.

Ова е историски пресврт. По многу векови, за прв пат во Германија веќе не е „нормално“ да се биде член на црковна заедница – објасни социологот Карстен Фрерк.

Тој посочи дека веќе подолго време е забележлив трендот на намалување на бројот на припадниците на христијанските верски заедници.

Во текот на изминатите шест години, овој тренд се забрза.

Лани христијаните, односно припадниците на католичката и евангелистичката црква сочинувале 51 отсто од населението, а за споредба, во далечната 1990 година уделот на припадниците на тие верски заедници бил 72 отсто.

Германците од католичка вероисповед, пред сè, се повеќе ѝ вртат грб на својата црква, а поради бројните скандали се повлекуваат од таа верска заедница.

Исто така, зголемен е бројот на Германци кои не сакаат да се изјаснат за својата вера, а во исто време бројот на муслимани постојано се зголемува, како преку имиграцијата на работна сила, така и поради големиот мигрантски бран во последните години.