Здружението за рамноправно родителство „Децата пред се“ во соработка со Првата детска амбасада „Меѓаши“ и Народниот правобранител на Македонија, покренаа јавна дискусија за отуѓување на родителите од децата по разводот. Во време кога стапката на разводи е во значителен пораст, феноменот на отуѓување на детето од родителот е се почеста појава. 

Според Наум Рибароски од Здружението „Децата пред се“ најчести појави на отуѓување на децата од родителите се доделување на целосно старателство само на еден родител, со што другиот автоматски претставува „секундарен“ родител, неговата средба со детето која е одредена според мислењето на Центарот за социјална работа, често се спречува од страна на примарниот родител со лажни изговори дека детето е болно или оневозможено да присуствува на средбата со разни други оправдувања.

Лажните пријави се исто така во пораст, па така секундарниот родител често е пријавуван дека вршел злоупотреба врз детето, со што се претендира кон целосна забрана за негова средба со детето.

И трет најчест феномен на отуѓување се појавува кога примарниот родител ја напушта земјата и започнува живот во странство заедно со детето, без обврска да бара дозвола од секундарниот родител.

Апелот на „Децата пред се“, „Меѓаши“ и Народниот правобранител е да се воведат законски измени со кои ќе се овозможи рамноправно старателство на родителите врз децата, доволно време поминато со децата одредено од Центарот за социјална работа и задолжителна дозвола од секундарниот родител во случај на напуштање на земјата.

Покрај воведување на законски измени, се повикува и на унапредување на институционалните капацитети, поголема контрола врз мислењата изразени од Центрите за социјална работа и активно вклучување на детето во одлуките на родителот старател.

Искуствата раскажани од родителите кои се отуѓени од своите деца, сведочат дека Центрите за социјална работа пристрасно и протекциски носат мислења за тоа колку време треба да му одредат на секундарниот родител со неговото дете. Притоа, Центарот за социјална работа е оставен без надворешна контрола и надзор, па така претставките на обесправените родители остануваат заглавени со години во нечии фиоки.