Земјите со најмал процент на вакцинирана популација се соочуваат со најголем број смртни случаи од последиците од коронавирусот на милион жители, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, објавени од Европската комисија (ЕК).

Соодносот меѓу вакцинираните и невакцинираните лица кои починале во земјите од Европската унија (ЕУ) е претставен во графикон, на кој бројот на умрени на милион жители се однесува на период од 14 дена.

Податоците покажуваат дека колку е поголем опфатот со вакцинација, толку е помала смртноста, напиша Европската комисија во описот на графиконот.

На врвот на листата е Ирска, каде што се вакцинирани 93 отсто од возрасната популација. Во претходниот 14-дневен период има 15 смртни случаи на милион жители.

На второ место е Португалија со 92 отсто од вакцинираните кај населението над 18 години и десет смртни случаи на милион жители, додека Малта со истиот процент на вакцинирани бележи нула смртни случаи на милион жители во претходните две недели.

Четврта на листата е Данска со 89 отсто од вакцинираните и десет смртни случаи на милион жители, додека Белгија на петтото место е мал исклучок во односот меѓу вакцинирани и починати – двете дози од вакцината ги примиле 87 отсто од возрасните Белгијци и бројот на починати на милион во претходните 14 дена е 29.