Дваесет и седум членки на ЕУ вечерва им доделија кандидатски статус на Украина и на Молдавија, објави во Брисел претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, нарекувајќи ја одлуката „историски момент“ во екот на војната.

Договор. Европскиот совет штотуку донесе одлука за доделување статус кандидат за ЕУ ​​на Украина и Молдавија. Историски момент – напиша претседателот на Европскиот совет на Твитер.

Денешниот ден означува клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ – порача Мишел.

Тој, исто така, објави дека лидерите „ја препознале европската перспектива и подготвеноста да ѝ се додели кандидатски статус на Грузија кога таа ќе ги реши преостанатите приоритети“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „единствен и историски момент во билатералните односи“.

Тој изрази увереност дека „иднината на Украина е во Европската унија“.

Претседателката на Молдавија Маја Санду вечерва изјави дека потегот на Европската унија да и додели кандидатски статус на нејзината земја е историски ден.

Таа додаде дека Молдавија е пред тежок пат, за кој ќе треба многу работа и труд.

Сепак, ние сме подготвени да го направиме тоа заедно за да обезбедиме подобра иднина за (молдавските) граѓани – рече Санду.

Во објава на Фејсбук таа изјави дека членството во ЕУ ќе донесе повеќе просперитет, повеќе можности и повеќе ред во таа мала земја, која се наоѓа меѓу Украина и Романија.

Одлуката да им се додели статус на земја кандидат за членство во ЕУ на Украина и Молдавија на Твитер ја поздрави и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Денес е добар ден за Европа – напиша таа, честитајќи им на претседателите на Украина и на Молдавија.

Вашите земји се дел од европското семејство. Денешната историска одлука го потврдува тоа – додаде Фон дер Лајен во објавата на Твитер.

Лидерите на ЕУ ја донесоа одлуката на редовниот самит, а претходно во четвртокот пратениците од Европскиот парламент гласаа за таа одлука.

Украина поднесе барање за членство на 28 февруари, четвртиот ден од руската инвазија, по што и Украина и Грузија тоа го побараа на 3 март.

Европската комисија минатата недела објави мислење за трите барања и му препорача на Советот на ЕУ да ја потврди нивната перспектива.

Оваа одлука се носи и во согласност на Европскиот парламент.