Титаниум диоксидот ги заведува потрошувачите: прехранбените производи како што се десерти, моцарела, супи во кеси, колачи, преливи за салати изгледаат посвежо и попривлечно ако го содржат додатокот Е171.

Способноста на оваа супстанца да ја рефлектира светлината и бојата во бело доведе до нејзина примена не само во прехранбената индустрија туку и во производството на козметички препарати како пасти за заби со ознака CI77891, помади, креми за сончање. Титаниум диоксид, исто така, често се наоѓа во лепила, гуми, лакови, па дури и бетон.

Производството на титаниум диоксид е бизнис со огромен промет. Годишно во светот се произведуваат меѓу четири и пет милиони тони, од кои повеќе од милион тони паѓаат на Европа.

  • Колку е опасен E171?

Со години се сомнева дека титаниум диоксидот може да предизвика рак. Во 2017 година, француските научници докажаа дека кај стаорци, редовното орално внесување на адитивот Е171 доведува до слабеење на имунолошкиот систем и воспаление на цревата.

Докажано е дека супстанцијата продира во цревната мембрана и стигнува до крвта во форма на наночестички.

Сè уште не е јасно дали титаниум диоксидот може да ја надмине крвно-мозочната бариера, која го штити мозокот од штетни материи.

  • Забраната во ЕУ се однесува исклучиво на прехранбените адитиви

Следеа бројни истражувања, а ги спроведоа и експерти од Француската агенција за безбедност на храна, заштита на животната средина и безбедност при работа. Овие студии не ги отфрлија сомнежите.

Одлучувачки беа индикациите дека титаниум диоксидот може да влијае на човечкиот геном. По темелно испитување, ЕФСА не можеше да ја исклучи можноста за токсични ефекти врз гените.

Германскиот сојузен институт за управување со ризик (BfR) го има истото мислење. Но, исто така, укажува дека научните нејаснотии ќе треба да се отстранат за конечниот суд.

Здружението на европски производители на титаниум диоксид (TDMA), се разбира, зазеде спротивен став, тврдејќи дека мислењето на Европската агенција за адитивот E171 е фундаментално погрешно и дека материјалите за тестирање не биле репрезентативни.