Во констелацијата на современите ликовни тенденции во Македонија со посебен индивидуален приод и ликовен јазик се  издвојува младата уметница Јасминка Новковска (родена 1975 година во Скопје). Ваквата вокација се должи на нејзиниот современ еклектичен израз во ликовното творештво, но и на специфичен сензибилитет во кој експериментите се обединети во една естетика. Станува збор за сликарство кое се темели на барање стил во уметноста кој преку синтезата на примена на различни материјали ќе ги надмине досегашните сфаќања за неговата тн униформираност.

Барајќи нов пластичен израз во својата ликовна наобразба Јасминка Новковска создава и комбинира колаж составен од туѓи, анонимни и чудни лица, снимки, текстови и облека што освен да се гледаат, треба и да се прочитаат. Во нив е изразен револтот кон изгубениот систем на вредности што го носи денешното време исполнето со духовна празнина, морална деградација и материјален интерес.

Така на пример, во делата под наслов „Изгубени души” оваа уметница се обидува да ја протолкува човечката меѓусебна комуникација како несигурен чин во кој секој човек се „брани” со помош на личниот егоизам и отуѓување. Политиката стана простор за манипулација, миење мозоци, стекнување богатство и моќ, не отстапувајќи место на интелектуалниот и духовниот натпревар.

Во нејзините слики има иреалност и психолошки ракопис кој треба да открие нов момент во изразот. Испреплетените претстави од изминати цивилизации претставени како древни тотеми, па се до стрип современи измислени ликови, октриваат авторка со нагласен рефлекс кон современоста ангажиран мисловно со глобалните проблеми на социјалното опкружување во кое егзистира човекот и носталгијата кон старите култури. Всушност, „Во што се претворил човекот и светот?”, гласи прашањето кое ме/ве засега откако ќе ги протолкуваме нејзините дела. Имено, зад таа визуелна „агресија” се крие личното доживување и болка и стремежот да се види светот како духовна територија каде што љубовта не е комерцијализиран, туку сакрален чин, додека пак човекот не е неопределен половен хибрид, туку вистина.

Сликите на Јасминка Новковска енормно го отсликуваат приодот кон нејзино лично сфаќање на политиката и историјата, губењето на исконски човечкото, меркантилноста, социјалниот цинизам и баналноста. Таа истражува процес на глобализација во кој Америка масовно го контролира светот и го изобличува во тн „консументско општество” (љубов кон пари, комерцијални интереси со цел стекнување профит, дрога, оружје, насилство, корист и сл.). Во аналитичкиот дискурс на нејзините композиции се крие нашето љубопитство и провокација, оставајќи зад нас отвореното прашање: „Каде се границите?“ зад кои се кријат вистината, верата и личното спасение.

 

Автор: Марија Стојческа