Божиќ низ светот се празнува на 25 декември или на 7 јануари, поради разликата меѓу календарите. Православните верници во Македонија и во повеќе други земји го одбележуваат Божиќ на 7 јануари, според јулијанскиот календар.
Сепак, постои исклучок што често предизвикува изненадување. Ерменска апостолска црква го слави Божиќ на 6 јануари – традиција стара повеќе од 1.700 години. За Ерменците, овој датум е најблиску до изворното христијанско празнување.
Додека поголемиот дел од светот го користи грегоријанскиот календар воведен во 1582 година, дел од православните цркви и натаму се водат според јулијанскиот календар, создаден од Јулиј Цезар во 45 година пр.н.е. Разликата меѓу двата календари денес изнесува 13 дена. Некои православни земји, како Грција и Романија, го прифатиле ревидираниот јулијански календар, но други, меѓу кои и Македонија, останале на стариот.
Интересно е што до 5 век сите христијански цркви го празнувале Христовото Рождество на 6 јануари. Ерменската црква никогаш не го променила овој датум, бидејќи не била под влијание на Рим и таму не постоеле пагански празници поврзани со 25 декември.
Ерменија е првата држава што го признала христијанството како државна религија. Таму се наоѓа и една од најстарите христијански цркви во светот – Ечмијадзинската катедрала од 4 век. Главниот град Ереван е меѓу најстарите градови во светот.
Ерменците за Божиќ подготвуваат традиционален колач гата со златник, слично на нашата чесница – уште еден доказ дека, и покрај различните датуми, духот на празникот е ист.


















