Кинеската економија продолжи да расте и во последниот квартал на 2020 година со скок од 6,5 проценти.

Така, минатата година заврши со раст во три од четирите квартали, со вкупен раст на годишно ниво од 2,3 проценти, објави тамошното Национално биро за статистика, пренесува Аксиос.

Ниту една друга голема економија не успеа да постигне позитивен раст во 2020 година.

Иако пандемијата КОВИД-19 за прв пат беше откриена во Кина, земјата успешно го контролираше вирусот и стана еден од главните двигатели на глобалната економија, додека остатокот од светот претежно беше во изолација, економски пад или стагнација.

Кинеската економија се очекува да порасне за 8,3 проценти во 2021 година, што е двојно повеќе од предвидениот раст на Соединетите држави од 4,1 процент, покажуваат податоците на ФактСет, финансиска и софтверска компанија.

Без оглед колку пати ќе ја слушнеме приказната за растот на кинеската економија, таа сепак има капацитет да шокира и зачуди. Ова е историски раст во однос на обемот и брзината, рече Адам Туз, професор на Универзитетот Колумбија.