Данскиот егзистенцијалистички филозоф – Сорен Киркегор го дефинира егзистирањето преку три развојни фази, преку кои не се влегува постепено, туку во нив се „скока“ или се влегува неочекувано и нагло, какво што е впрочем паѓањето (fall in love) – ненамерно, несвесно, неочекувано и брзо.

Човекот во помлади години според Киркегор има тенденција да биде во т.н „естетска фаза“ односно да им служи на своите потреби за кратки, сетилни задоволства. Додека е човек во естетска фаза, многу е поверојатно, оправдувајќи го сопствениот стил на живот да биде либерален по убедување и да ги застапува либералните гледишта.

Колку повеќе човекот старее, тој се движи низ етичката кон религиозната фаза и станува конзервативен бидејќи ја открива суштината, смислата на егизстенцијата која има потреба да ја „конзервира“, да ја зачува, споделувајќи норми, правила, регулативи и сл.

Слична теза, застапува и германскиот социолог на познанието – Карл Манхајм кој вели дека конзервативните и либералните мислители имаат сосема различно поимање на некои концепти поради вредносните одредби кои им се претпоставуваат. Но младите луѓе се обично либерални, а повозрасните се конзервативни.

Многу луѓе младоста ја поврзуваат со потребата за слобода, бунтовноста и револуционерноста, поради што стереотипот е дека младите се либертални.

Мојата теза е сосема спротивна од гореизоложените. Сметам дека што се луѓето повозрасни и се движат кон повисоки развоини стадиуми тие стануваат полиберални и либералната идеологија им станува поблиска. Колку повеќе луѓето понираат во вредносниот систем и во концептите, толку повеќе сфаќаат дека тие немаат некоја ригидна смисла и суштина која конзервативизмот ја претпоставува.

Во таа смисла либералната филозофија, не може да постои самостојно, таа има смисла само преку негациска дефиниција од конзервативизмот. Либералната филозофија може да се дефинира преку via negativa или како големо „НЕ“ на афирмативните одредби на конзервативната филозофија.
Таму каде што конзервативната филозофија гледа суштина и смисла, либералната открива дека нема смисла и суштина и ги наоѓа нејзините апсурди.

Човек со тек на време се навикнува да живее во апсурноста на светот, нему веќе ништо не може да му пречи, тука умира бунтот, револуционерноста и послушноста. Во таа смисла, се што може да се конзервира е апсурдот, а во тој оксиморот се раствараат и либералната и конзервативната филозофија.
Згора на се, луѓето имаат потреба од конзервативна филозофија и поради сопствената несигурност, тие мора да се држат за штаката од концепти и вредности што им ја предлага конзервативната филозофија.

Од друга страна либералните мислители се веќе сосема изгубени, тие немаат потрага, знаат дека концептите на конзервативните филозофи се апсурд, но не се во потрага по нови решенија, бидејќи не ги гледаат новите решенија.
За да може да постои концепт, мора да постои рендундација, мора да има основа, а еднаш поставена основа, за друга генерација е веќе конзервирана.

Затоа либералите немаат концепти, тие гледаат само бесконечно многу различности, таму каде што конзервативците гледаат отстапувања.

Либералните мислители кои сепак се потрудија да дадат автентични пристапи и решенија, завршија во деконструкција, реконструкција или интеграција на сегменти од конзервативната филозофија и тие го создадоа постмодернизмот.

Во него има се, бесконечно многу комбинаторики, само нема надеж. Постмодернизмот е помрачен и од средновековната филозофија!

И либералите и конзервативните се несреќни, првите затоа што прифаќаат нешто без да имаат можност да го разберат, а вторите затоа што го осудуваат однапред она што не се ни трудат да го разберат!

Автор: Магдалена Стојмановиќ