Маската во затворен простор во Грција и понатаму е задолжителна до крајот на месецов, а според министерот за здравство, надлежната комисија на епидемиолози, утре ќе донесе препорака за евентуалното укинување по 1 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ рече дека ги очекуваат одлуките на Комисијата и во однос на тоа во кои внатрешни простори, маската и понатаму би била задолжителна.

-Утре Комисијата ќе дискутира за употребата на маска од 1 јуни и очекуваме да ги слушнеме позициите на експертите. Маската сигурно ќе остане во некои внатрешни простори, како на пример болниците, рече Плеврис

Додаде дека Комисијата ќе ја разгледа и препораката од ЕУ, маската да не е задолжителна во авионите и на аеродромите.

Во однос на пандемијата истакна дека се уште не е завршена и „треба да сме подготвени, бидејќи можеби на есен ќе биде потребно повторно да се преземат мерки“.