Во овие две недели, колку што на сила е новиот закон, Државниот пазарен инспекторат извршил 114 инспекциски надзори и 678 контроли на цела територија на Македонија.

Извори од инспекторатот потенцираат дека освен за неделите контроли, дали се почитуваат работничките права се проверувало и на ден седми јануари – Божиќ кој е државен празник и неработен ден за сите граѓани на Македонија.

Од инспекторатот за труд пак сметаат дека работодавачите засега немаат навика да ги пријавуваат работниците кои се ангажирани или дежурни за време на неделите.

Во најголем дел од случаите кога вршеле контроли се било регуларно на лице место. Работеле оние кои имале дозвола, односно затекнати биле дејности на кои им е дозволено да работат.

Оние компании кои биле фатени како работат а не смееле, биле во мал број и заработиле санкција од 15 дневно пломбирање на дуќанот.

Имало и стопанственици кои се правдале дека не го разбираат законот. Од Инспекторатот за труд велат дека во јавноста има нејаснотии и дилеми кои бизниси може да работат а кои не.

Според нивите измени во законот трговија на големо и на мало не може да се врши во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови. Но има исклучок за одредени дејности, така што дадено е право да работи трговија на мало: со храна, пијалоци и тутун.

И тоа само на трговците поединци, да работи само сопственикот. Значи продавници кои се без овошје и зеленчук и да работи само сопственикот на продавницата и друштво со ограничена одговорност од едно лице.

Синдикатите сметаат дека со тоа што е обезбеден неделен одмор на повеќе од 90 отсто од работниците во државата е постигнат голем напредок на работничките права.

На тој начин велат дека тие ќе посветат време на своите семејства, и на обнова на својата работна сила и ќе го искористат ова време за социјални културни и образовни потреби.

Но потенцираат дека не смее да се заборави дека оние работници кои ќе работат во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес треба да добијат додатокот на плата за работа во недела кој изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа.