Моќта на групата е голема. Покрај индивидуалниот и личен идентитет, постои и идентитет на група кој често е многу повидлив и моќен од индивидуалниот идентитет. На пример, идентификацијата со професијата, со семејството, со семејна улога (на пример мајка), со омилен жанр или бенд на музика често е начин на кој праќаме порака кои сме. 

Исто така, често се случува да ги менуваме своите навики доколку се најдеме во една социјална средина. Го знаете примерот на пушачи од социјални причини или луѓе кои знаат да се напијат чашка повеќе само во добро друштво иако не се уживатели на алкохол инаку.

Додека некои сметаат дека треба да инсистирате на своите навики и индивидуални карактеристики без разлика во која група се наоѓате, сепак припадноста во групата и добрата прифатеност често се причини за среќа, добро чувство и сл.

Еве во кои примери треба да отстапите од своите индивидуални карактеристики и навики 

Доколку постапките не отстапуваат значително од вашиот начин на живот 

Ако понекогаш сепак палите по некоја цигара, нема да е проблем да заминете со колегите на пауза и да запалите цигара понекогаш.

Но доколку имате изградено навики на антипушење поради здравствени или кои било други причини, во тој случај прилагодувајте го изборот на група кон себе, а не себе кон групата. Ситните отстапки може да придонесат за подобро интегрирање во групата, но радикалните може да придонесат за целосно губење на личниот идентитет.

Доколку припадниците на групата се луѓе од доверба 

Не е проблем да се напиете некоја чашка повеќе ако сте опкружени со вашиот партнер, пријателите или семејството, во принцип луѓе кои досега многу пати ја потврдиле и оправдале вашата доверба.

Но доколку премногу се опуштите со луѓе кои се потполни странци или луѓе кои прв пат ги гледате, бидете свесни дека преземате огромен ризик кој може да нанесе голема штета во најмала рака врз вашата репутација.

Се впуштате во работи кои ви се познати 

Доколку тоа што го правите во групата ви е позната отстапка тогаш знаете што ве чека и потполно свесно влегувате во групното дејство. На пример доколку знаете дека одењето на риболов во ноќни часови со добро друштво знае да биде забавно прифатете го предизвикот, но земајте ги работите со голема резерва доколку не ви е познат теренот и условите каде одите со групата.

На тој начин голема е веројатноста да ве пречекаат многу негативни изненадувања и да се чувствувате разочарани од себе бидејќи сте донеле погрешна и неиспитана одлука.