Прашањето дали паричката треба да се дели на Бадник или на Василица со години предизвикува недоумици меѓу верниците во Македонија.
Традицијата не е единствена: во некои краеви паричката се става и се дели во бадниковата погача, додека во други тоа се прави на празникот посветен на св. Василиј Велики – Василица, во народот позната и како Стара Нова година, односно Нова година според јулијанскиот календар.
Токму поради овие различни обичаи, често се поставува прашањето: што е „правилно“? Одговорот на Црквата е јасен и смирувачки – не е погрешно ниту едното, ниту другото. Двата обичаи имаат длабока симболика и историско значење и се дел од живото народно предание што се пренесувало од генерација на генерација.
Кога паричката се дели на Бадник, таа е дел од бадниковата посна трпеза и бадниковата погача, кои симболично се поврзуваат со трите дарови принесени на Богомладенецот: златото како на Цар, мирото како на Месија и темјанот како на Бог. Така, обичајот добива силна богословска порака и го подготвува домот за Христовото Рождество.
И Бадник и Василица, секој на свој начин, ја носат пораката на благослов, надеж и заедништво – суштината што е поважна од самиот ден кога се дели паричката.


















