Вчера мојата понежна половина (заедно сме 52 години) наполни 72 години. Тоа ме потсети на митот за љубовта, раскажан од Аристофан, во познатиот Платонов дијалог „Симпозиум.“
Според кажувањето на Аристофан, постоел период во кој луѓето не постоеле како мажи, односно жени, туку биле споени во едно тело, претставувајќи, на тој начин, компактна целина.
Дел од нив постоеле како андрогини – суштества во кои било споено машко и женско тело. Заради нивната непослушност, Зевс одлучил да ги располови на два дела. На тој начин, тоа што дотогаш било целина, станало располовено, разделено, постоејќи или како машко или само како женско. Меѓутоа, сеќавањето дека некогаш биле споени, дека биле едно, останало.
Со него и копнежот повторно да се спојат и повторно да бидат тоа што некогаш биле – една целина. Затоа, секоја половина (маж и жена) талка по светот, барајќи ја другата, загубената половина. Оној момент кога ќе се сретнат, се препознаваат. Тогаш копнежот, страста повторно да се слеат, нараснува.
Телата почнуваат силно да им треперат од таа страст/желба. Со неиздржлива нестрпливост едната половина се втурнува кон другата, за да ја возобноват некогашната целина.
П.С. Некои познавачи на Платоновата филозофија сметаат дека кажувањето на Аристофан е иронично, сатирично, бидејќи бил еден од најголемите сатиричари во негово време. Меѓутоа и да е така, сепак митот упатува на нешто битно, суштинско – дека љубовта резултира од нашата несовршеност/располовеност и, од друга страна, дека само маж и само жена сѐ уште не чинат Човек. Споени, чинат Човек.