Библиотерапијата е вид на терапија со помош на која луѓето наоѓаат решение за своите проблеми, учат за контрола на своите емоции, го фокусираат вниманието и учат да препознаваат важно од неважно. Затоа често овој тип на терапија се препорачува за луѓе кои се интровертни, избегнуваат да разговараат и ги споделуваат своите проблеми со другите, бидејќи читањето на некој начин се сфаќа како разговор со самиот себе.
Платон го дефинира мислењето како „разговор на душата со самата себе“, а истата дефиниција може да се аплицира и кога се говори за читањето. Во денешно време, сите сме изложени на рокови и времето како да ни се излизгува пред нас. Губиме целосно контрола врз времето и се помалку го имаме, иако главното расположение меѓу популацијата е „досадата“. Таквото згуснување на времето и сведочење на голем број промени кои не можеме да ги следиме доведува до зголемување на анксиозност, стрес и нервоза.
Читањето е активност на слободното време. Без разлика на тоа дали имаме дефицит од слободно време, секој од нас може да најде барем половина час во денот и да го посвети на читање на некоја добра книга. Читањето дури може да се комбинира и со друг тип на активности, со што дополнително го економизира времето. На пример можете да читате додека патувате со автобус до работното место, неколку минути пред спиење додека го користите временскиот прозорец за умирување на телото и потонување во сон, додека го пиете утринското кафе и сл.
Читањето значително ќе го помогне и вашиот рехабилитациски процес доколку во скоро време ви се случил трауматски настан. Особено ако читате на иста тема, ќе стекнете вештини како да одговорите на траумата и побрзо да ја преработите психолошки.
А еве зошто читањето ве „чува“ од стрес:
- Имате фокус
Стресот најчесто значи губење контрола врз нештата. Кога ги зауздувате вашите мисли со читање, вие се фокусирате на една проблематика и го помагате процесот на „спласнување“ на конфузијата, што произведува и значително намалување на кортизолот „хормон на стресот“ и телото автоматски ви се смирува.
Читањето ви помага да ги средите мислите на тој начин што нема да мислите на неколку работи истовремено, туку ќе бидете насочени само кон читањето. На тој начин вие практично вршите мисловна медитација.
- Имате чувство дека правите нешто корисно
Додека читате, вие буквално го храните вашиот дух со мисли, содржини и корисни практики. Доколку пак читате книга со високо книжевно остварување ја задоволувате вашата потреба за „убаво“. Во секој случај додека читате чувствувате големо задоволство бидејќи го инвестирате вашето време во корисни работи. На тој начин се лачат допамин и серотонин, хормони на среќата и доброто расположение, па така после секое читање се чувствувате исполнето и задоволно.
- Го задоволувате љубопитството
Човекот е суштество кое е создадено да открива нови работи и постојано да учи за светот околу него. Од таа причина љубопитноста е вроден порив на човечкото битие. Ако не читате, истражување или пишувате, ќе станете љубопитни за ситни работи како што се туѓи животи, озборувања и ќе се окупирате со нешта кои не ви носат апсолутно ништо корисно и добро во животот.
Наместо задоволување на љубопитноста со ниски страсти, доколку читате книга, шансите да научите нешто ново кое е употребливо во некоја животна ситуација се многу поголеми, а сепак никому не штетите, со тоа што го откривате, запрашувате, индискретно го напаѓате или се занимавате со малограѓански тактики.
- Разликувате важно од неважно
Додека читате книга, немате време да се занимавате со работи кои не ви се важни и да се изложувате на куп информации со кои денешните масовни медиуми и интернет маркетингот не бомбардираат.
Изборот на книга за читање, веќе значи дека вие сте одбрале што да стане дел од вашата мисловна содржина и се заштитувате од „залутани“ информации кои некој ви ги пласира додека ве лови како конзумент, го насочува вашето однесување кон одредена цел или ве таргетира како носител на униформа на новокомпонирано мислење.
Можеби ќе ве интересира:
Брајан Каплан: ВИ ќе издвојува победа врз човештвото, а потоа ќе не избрише!