Тактиката што во моментов ја користи Владата на Бугарија кон Македонија е прилично неразумна и контрапродуктивна и може да има сериозни последици, не само за односите меѓу двете земји, туку и за целиот регион, и за политиката на проширување на Европската унија, смета поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје Ерван Фуере.

Пристапот на бугарската влада праќа лоша порака до земјите од Западен Балкан дека и тие можат да се соочат со целосна блокада на патот кон ЕУ, вели Фуере во интервју за Бугарското национално радио.

Бугарија го користи своето членство во Европската унија за да наметне сопствено толкување на историјата, како и да инсистира на тоа дека нејзината верзија мора да биде прифатена од други земји пред да започнат пристапните преговори. И тоа е контрапродуктивно бидејќи ја поткопува политиката на проширување на ЕУ и оди целосно спротивно на принципите врз кои се базира европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на ЕУ во 2007 година, истакнува Фуере.

Тој не е единствен дипломат кој го оценува пристапот на Бугарија кон Македонија како „погрешен“. Останува прашањето дали Бугарија со моменталниот начин на водење на надворешна политика повеќе си одмага отколку помага себе во меѓународните кругови.