Бугарскиот премиер, Кирил Петков, во видеообраќање вчерашната седница на Советот за национална безбедност ја оцени како навремена и корисна дискусија.

Според него, таа покажала дека сите учесници имаат заедничка цел – надминување на застојот во односите со Македонија и давање нов почеток во стремежот за добрососедство.

Сакам да му се заблагодарам на претседателот што вчера го свика Советот, како и на парламентарните групи за нивното учество. Заедно се обединивме околу една заедничка цел – добрососедство. Ја потврдивме постојната позиција на Бугарија во нашите односи со Северна Македонија, рече премиерот.

Според него, даден е нов почеток на дијалогот што треба да се случи во наредните месеци.

Во овој нов почеток, треба да разговараме за важни прашања за двете земји за правата на Бугарите во Северна Македонија, заедничката инфраструктура, заедничкиот културен календар, европската интеграција и историјата, додаде тој.