Милчо Мисоски е македонски современ поет, автор на пет поетски книги, а последната „Стаклени сенки“ во издание на Антолог е објавена минатата година.
Тој е наградуван со бројни домашни и меѓународни награди, учесник е на домашни и меѓународни фестивали, а покрај публикувани книги, Мисоски е автор и на неколку поеми објавени во прочуени поетски списанија.
За неговото творештво поконкретно ќе позборуваме во вторник, во емисијата „Мој збор“ која ќе се емитува од 12 до 14 часот на балканското, мултилингвално, мултикултурно и интеркултурно – Радио Мост.
Во прилог ви ја пренесуваме рецензијата на Снежана Стојчевска за неговата најнова поетска книга „Стаклени сенки“ и ви предлагаме да се запознаете подетално со оваа поетско остварување:
Рецензија: „Стаклени сенки“ или поезија за времето од Милчо Мисоски
„Стаклени сенки“ во издание на Антолог е петтата книга на струшкиот поет Милчо Мисоски.
Мисоски е оформен поетски глас, со еснафски мајсторлук и мудрост на старец. Тоа го потврдува уште со својата прва книга „Чекајќи го ангелот“ (1991), за која добива меѓународни и домашни награди.
Оваа, за мене совршена, поетска книга во 2019 година доживеа и свое двојазично (македонско-англиско) реиздание, во превод на Никола Ѓелинчески, во издание на издавачката куќа Антолог.
Во песната „Сетилно дрво“ се дефинира себе си како поет со стиховите: /станав сетилно дрво на вечноста,/ отклучувач на сините срца на летото, /вечен принц на питоми огнови./ Скромен, ненаметлив, често посматрајќи од страна, надвор од сите поетски кругови и кланови, самотен, неретко и осамен, нечуен во делувањето, но гласен и моќен во напишаното или како што нашите претци знаеле да кажат мирна вода брег рони.
Поезијата на Милчо суптилно и на долги стази ќе го рони брегот на македонската поезија.
Во песната „Црква“ пак, вели: ќе изградам црква/ си ветив/ на животот свој/ од плеќи ќе ја соѕидам/ од солзи ќе ја исклесам/ од уста ќе ја изустам/.
Таа црква е поезијата. И како што си вети така и направи и ветеното го исполни со своите пет поетски книги.
Не случајно го почнав овој осврт токму со првата книга, бидејќи тука се корените од кои неговото поетско битие почнува да расте.
Неговото творештво како и неговата личност, се движи во вертикална линија, со здрав морален компас и освестена, осведочена духовност. Кога ги читам неговите книги имам чувство дека читам една книга, книга за животот.
Вечната тема која се провлекува низ сите негови книги е времето. Затоа јас би го нарекла поет на времето. Самиот наслов „Стаклени сенки“ асоцира на непостојаноста, кршливоста, кревкоста и минливоста на човековото битие и постоење.
Стакло и сенка. Стаклото ќе се скрши. Сенката ќе исчезне со заоѓањето на сонцето, или како што вели авторот: /додека гледаме во светлината, /сѐ околу нас е темно./ Книгата ја отвора со стиховите: /попусто го измачувам времето, /никогаш нема да го достигнам неговото задоволство./ Можеби најгласно говори за времето во песната иронично насловена „10 Минути молк“: /Времето е странец /своите пораки ги запишува /на балсамирани листови. /За она што ќе биде /лагата е сосем доволна забава. /Кога ќе исчезнат насоките /зборот е патот до дома./ Но, не само тука, туку мноштвото негови песни се тематски поврзани и инспирирани од минливоста на мигот, непостојаноста на физичкиот свет и нашата немоќ да го сопреме тој неповратен процес.
Секоја песна е момент, врамена слика, уловена емоција, дадена за навек. Така авторот го заробува времето, а воедно со тоа и го ослобовува. /Во џебовите од старото палто /тропкаат моите последни стихови /со кои го скротувам времето./
Се прашувам од каде таа опсесија со времето? Можеби одговорот се крие во неговата професија. Како доктор тој секојдневно е во ситуации каде се работи за живот или за смрт.
Тие блиски средби со смртта и драматични сцени со кои секојднвно се бори, ја прават поезијата, негово место за оддишка, прибежиште или пауза од реалноста, која е далеку од розова.
Затоа неговата поезија е нежна, лирична, па дури и медитативна како на пример во стиховите /Капките вода на дланките прават оригами./ Во својот поетски израз осцилира помеѓу лиричноста на Тагоре и мистичноста на Руми, притоа создавајќи поезија која смирува и лечи.
Сигурна сум дека авторот тоа го прави несвесно, прво лично за себе, но со тоа и за сите кои имаат трпени и љубопитство да се нурнат во тој свет што го гради, а за кој ќе рече: /во овој свет кој се случува токму навреме/ прескапо е да се умре./
Иако низ песните владее одредена меланхолија и тага поради непобедливоста над времето, сепак скоро секогаш заблескува искра надеж, како во стиховите: Мал допир ги затвора очите/ да престане стравот од заборав./ Поезијата го победува стравот од заборав, зборовите што авторот ги остава се и сведоштво и аманет, но и репер за генерациите што доаѓаат.
Покрај времето сеприсутна во неговата поезија е водата како симбол на животот. Од капка вода, езерските бранови и бескрајното море, синилото ја обојува и превладува во неговата поезија изнедрена од водите на Охридското езеро, продолжувајќи ја со тоа струшката поетска традиција.
Денот и ноќта, темнината и светлината, годишните времиња, ѕвезденото небо, универзумот ја покажуваат неговата сплотеност со природата. Меѓутоа тој е и урбан поет. Во неговата поезија може да се појви раскрсница, зграда во маало и по некој графит кој вели:/Се непознато е веќе видено/ како во песната „Патокази“.
Последната строфа во оваа песна е поетска слика сама за себе, толку моќна што несомнено ќе остане врамена во сеќавањето на читателите: /Пред ноќта /се исправувам /се прекрстувам /гледајќи го небото /обоено во пурпур /од боичките на мојата ќерка./ Ваквите строфи или стихови кои се дел од песната, а се песна сама за себе се карактеристични за авторот. Застапени се низ целата книга. Јас ги нарекувам песна во песна. Не се обележани со друг фонт, туку се тајнопис кој ви е даден вам да го откриете.
Една од омилените песни во оваа книга за мене е песната „Ме буди стих што умира во мене.“ Самиот наслов е контрадикторен, во себе го содржи и своето создавање и својата наегација.
Во неа поетот прашува: /Колку светлина е потребно да се бои осаменоста/, за потоа да додаде: /Без зборови /со скромност на бездомник /принесувам воздишки за последните патници на земјата/. Тие воздишки се наменети за нас патници-добронамерници, спремни да тргнеме на поетско патување.
Поезијата на Мисоски не се чита брзо и лакомо, туку трпеливо и полека. Не се чита одеднаш, туку песна по песна.
Ви препорачувам да прочитате по една песна на ден, но читајте ја на глас и повторете ја повеќе пати, како молитва меѓу две трепнувања, како мантра, лозинка за други димензии, како рецепт препишан од доктор.
Автор на рецензијата: Снежана Стојчевска