Информациско загадување, медиумите постојано известуваат за пандемијата, црните хроники се ударни вести, психолозите се повеќе побарувани за помош и човечкото психолошко здравје е доведено во прашање.
Одговори за тоа како човекот да се справи со информациското загадување, како селективно да набљудува и да ги „пушта“ само позитивните и унапредувачките информации во својата психа и секако совети за личен развој побаравме од Андријана Андриќ, животен советник со меѓународна лиценца за работа.
–Живееме во време кога сме бомбардирани од сите страни со информации кои во себе содржат емотивен набој на страв, паника, вознемирување, тага и други ниско фреквентни емоционални состојби од страна на многу медиуми. Сите овие информации со ваков емотивен набој доколку се восприемаат на дневна база и во текот на долг временски период можат да имаат огромен негативен ефект врз менталното здравје на луѓето затоа што се депонираат директно во потсвесниот дел на умот. Од потсвеста директно влијаат на свесниот дел на умот и се манифестираат преку начинот на однесување на поединецот во објективната реалност. Доколку луѓето се подложени на восприемање на ваков тип на негативни информации на долг рок кај нив постои голема потенцијална можност од развивање на состојби како: хроничен стрес, анксиозност, панични напади, депресија итн. Сите овие состојби пак од друга страна влијаат врз нормалното функционирање на една единка во секојдневниот живот. Бидејќи во животот се е поврзано едно со друго – проценува таа.
На прашањето што треба да се преземе за лична и самостојна заштита од причините за „менталното загадување“, Андријана одговара:
–Затоа од особено големо значење е луѓето да внимаваат што консумираат преку нивните сетила во нивното енергетско поле. Ова се однесува буквално на секое можно ниво и преку сите можни сетила. Значи не само што треба да се внимава на физичкото здравје преку тоа каква храна се консумира, какви дневни ритуали има личноста, колку е физички активна, но исто така треба да се внимава што се консумира на ментално ниво преку медиумите и социјалните мрежи. Затоа што тоа што го акумулираме од медиумите има влијание врз нашите мисли. Од нашите мисли тоа се рефлектира на нашите емоции. Од нашите емоции се формираат емоционални состојби кои влијаат на целокупното човеково здравје.
Според Андријана Андриќ, луѓето треба да го насочат своето време кон креативни вежби или хоби и помалку да се задржуваат на медиумите и социјалните мрежи во кои има извор на многу содржина од која голем дел е негативна и непријатна.
-Треба строго да се внимава какви видови на содржини и информации се консумираат на дневно ниво. Исто така би препорачала на луѓето наместо да се токсифицираат со непријатни содржини, да се потрудат истото тоа време да го искористат за нешто корисно и постепено да започнат да воведуваат нови и здрави навики кои после одреден временски период ќе станат составен дел од нивниот живот. На пример, наместо постојано да гледаат вести каде се пласираат овие информации, можат да го насочат своето време и својата животна енергија во учење на нови вештини, нови креативни активности, ново хоби. Исто така може да се потрудат да стекнат нови знаења од областа која ги привлекува согласно нивните лични интереси и потреби. Притоа, за почеток тоа не мора да биде нешто огромно туку нешто наједноставно. И како што ќе се посведочат, видат и забележат првите позитивни ефекти од новите навики, кај човекот е можно да се развие желба да истражува се повеќе и да стане се подобар. На тој начин луѓето ќе постанат активни креатори на својот живот и нема да се изложуваат себеси на нешта кои што не им носат буквално никаква лична придобивка ниту пак потенцијал за личен развој – препорачува тренерот за личен развој.
Според Андријана:
–Поентата и целта на човековиот живот е човекот постојано да расте и да се развива. Ние сме енергија во движење. Во нашиот живот ние не треба да бидеме пасивни набљудувачи кои автоматски прифаќаат се што е сервирано од надворешниот свет, туку треба да бидеме активни креатори на своето секојдневие и на својот живот. Ние не сме родени за да бидеме просечни, ние не сме родени за да ги следиме слепо програмирањата кои доаѓаат како од медиуми така и од ограничените уверувања на другите луѓе. Ние сме родени за да оставиме свој личен печат додека постоиме на овој свет. Ние сме дојдени на овој свет за да блеснеме во нашиот најголем и најполн сјај. И апелира до сите никогаш да не го заборавиме тоа!