Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека Србија е во специфични околности кога станува збор за воведување санкции против Русија, главно поради големата зависност од руски енергетски извори и дека во прашање е сложена слика за да може само да се каже „приклучете ни се во санкциите“, јави дописникот на МИА од Белград.

Да беше само до нас (САД), а не до Србија, ние би рекле дека мора да се приклучите на санкциите, но ние разбираме дека постојат специфични околности за Србија – изјави Хил на ТВ Хепи, одговарајќи на прашањето како санкциите на ЕУ против Русија би можеле да влијаат на Србија ако побргу не донесе одлуки.

Тој изрази очекување дека „ќе ја има Србија покрај себе“ и истакна дека сè започнува со енергетската независност и дека Србија треба да има различни избори.

Сигурен сум дека во иднина ќе биде во ред Србија да има избор да зема гас од Русија, но тоа сега не е во ред и затоа треба да и се помогне на Србија во тој избор – рече Хил.

На прашањето за решавање на косовскиот проблем, Хил рече дека било во овој или следниот век „Србите кога ќе се разбудат, ќе видат дека Албанците го зеле Косово за себе“, и затоа, како што рече, тој се надева дека во меѓувреме ќе се постигне нормализација, за да се продолжи со работи кои се важни за просечните луѓе.

Хил оцени дека западните земји бараат од Белград и Приштина да се држат до процесот на дијалог и да се обидат да ги намалат тензиите и да создадат простор меѓусебно да разговараат за да постигнат нормални односи.