Не сте човек кој би можел да се пофали со својата точност? Кога се договарате со пријателите, тие доаѓаат најмалку пет минути подоцна од закажаното време бидејќи тие знаат дека сигурно ќе задоцните? Важите за човек кој никогаш не доаѓа на време? Но, доволно ви е од тој епитет, и сакате да го промените своето однесување? Обидете се да пронајдете каде грешите.

  • Подобрете ја техниката на будење

Ако тврдите дека имате проблем со алармот – демек не ви ѕвонел, или можеби ви звонел, но сте го изгаснале во полусон, и сте продолжиле да спиете, во тој случај треба да размислите за посериозен пристап со будилникот. Тоа може да звучи смешно, но реално така стојат работите. Значи, ако сте свесни дека алармот не ви е доволен, наместете три аларми. Тогаш веќе нема да имате изговор дека не сте го чуле, или дека сте се успале. Последниот аларм поставете го да ѕвони во време кога навистина треба да станете од креветот, и нека биде подалеку од креветот, така што ќе мора да станете за да го запрете.

  • Реално гледајте го времето

Почнувате да паничите пред да излезете од дома, бидејќи не можете да ги најдете вашите работи? Никогаш не знаете каде ви се клучевите, каде ви е мобилниот телефон, и каде ви е нотесот со белешки? И, се разбира, заради тоа повторно ќе доцните. Овој стрес може лесно да се спречи на еден многу едноставен начин: подгответе си ги работите пред спиење! Тоа ќе ви одземе пет минути, и ќе ви значи богатство за започнување на денот. Кога планирате утрински обврски, бидете искрени со себе си. За фризура потребни ви се петнаесет минути, а не пет, за шминка десет, а не три. Обидете се реално да го сметате времето што ви е потребно за подготвување.

  • Не го започнувајте денот со работа

Дури и ако станете на време, и сте уредно подготвени, нешто може да ви го одвлече вниманието, и да доцните повторно? Ако уште од раните утрински часови, вашиот телефон започнува со ѕвонење, и веднаш се фрлите на читање на електронската пошта, сигурно повторно ќе задоцните. Не лажете се дека ќе потрае само една минута. Паметно е да го оставите тоа за подоцна, и да почнете да примате повици кога ќе стигнете на работа.

И кога конечно ќе ја затворите вратата на вашиот стан, на вистинскиот пат сте да го поминете утрото без стрес и да пристигнете на време на работа. Ќе бидете посреќни, повеќе продуктивни, и по ново – точни. Со самото тоа, луѓето ќе почнат ве доживуваат посериозно, и ќе имаат повеќе доверба во вас. Тоа значи многу за работата и за пријателството, и всушност е многу подобар епитет од претходниот!