Доналд Трамп ги помина изминатите два месеца по неговиот изборен пораз во жестоко, но неуспешно оспорување на резултатите. Како можен мотив за неговата „борба против демократијата“ се наведува опасноста од соочувањето со бројни правни и законски проблеми по истекот на неговиот мандат на 20 јануари, пишува „Економист“
Трамп би можел да се соочи со најсериозниот проблем во Њујорк, каде што локалното обвинителство истражува неколку можни финансиски прекршоци, вклучувајќи ги наводните исплати од страна на претседателот во заминување кон порно-актерката Сторми Даниелс и поранешниот модел на „Плејбој“ Карен Мекдугал во пресрет на претседателските избори во 2016 година.
Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, моментно е во домашен притвор поради лажно сведочење пред Конгресот, како и за други криминални прекршоци, вклучувајќи ги оние поврзани со финансирањето на политичките кампањи. Тој тврди дека неговиот поранешен шеф му наложил да ги направи исплатите за Даниелс и Мекдугал, што Трамп го негира.
Обвинителот од Менхетн, Сајрус Венс, побара пристап до финансиските и даночни документи за осумгодишен период од сметководителот на Трамп.
Американскиот претседател го оспори барањето, а Врховниот суд одлучи да не му даде пристап на обвинителството до документите додека не донесе одлука врз основа на последната жалба на Трамп.
Венс очекува да добие пристап до документите кога Врховниот суд ќе ја отфрли жалбата, што одредени правни експерти сметаат дека би можело да се случи кога Трамп ќе го напушти Вашингтон.
Последиците би можеле да бидат сериозни по Трамп, бидејќи обвинителството сугерираше намера за проширување на истрагата.
Доколку бидат пронајдени докази во документите, се спомнуваат потенцијални обвиненија за измама, фалсификување на бизнис-податоци, осигурителна и даночна измама. За дел од овие прекршоци е предвидена затворска казна до 25 години.