Немаме алтернатива за членството во Европската Унија. Како и претседателот Стево Пендаровски така и јас јавно размислувам, јавно зборувам за ставовите на нашата Влада, не ни требаат бајпас решенија, не ни требаат алтернативни решенија за нашето членство во ЕУ истакна претседателот на Владата Зоран Заев на прес-конференцијата на која беше промовиран владиниот реформски пакет „Акција 21 – за европски стандарди дома“.
Премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање за македонско-бугарските односи, нагласи дека Македонија заслужува како никој досега да биде членка на Унијата и додаде дека покажавме европско однесување и вредности и дома и во регионот, но и со самата Унија.
– Дома продолжуваме по европскиот пат, европеизацијата на државата нема да застане, дел од овие наши идни активности се и Акција 21, односно десетте приоритети, кои не се поврзани со поглавјата и можеме да почнеме буквално од самиот почеток на годината. Како и дефиницијата која јасно ја определивме, а тоа е, продолжуваат разговорите до изнаоѓање на решение, а се надевам дека првата половина на 2021 година во многу порелаксирани околности и кај двете страни ќе можеме да изнајдеме решенија – посочи премиерот Заев.