Министерството за одбрана на Србија денес соопшти дека ги презело сите мерки пропишани со закон во врска со неовластеното фотографирање и објавување на фотографиите на социјалните мрежи од пациентката во привремената болница „Штарк арена“.
Во соопштението се истакнува дека биле преземени сите мерки за заштита на приватноста на пациентите сместени во овој објект, откако со објавување на фотографиите „биле прекршени сите етички и морални норми на цивилизирано однесување од страна на лица кои учествувале во овој незаконски и крајно неморален чин“.
Министерството за одбрана најостро го осуди овој чин, нагласувајќи дека е особено несфатливо некој да изврши „вакви нечовечки постапки“ во ситуација кога државата прави сè за да го заштити здравјето на граѓаните и да го спречи ширењето на епидемијата од корона вирус, а медицинските работници прават натчовечки напори да ги спасат нашите граѓани кои се заболени од ковид19.