Од денес, второто општо затворање од почетокот на пандемијата Ковид19 е на сила во Бeлгија.
Во земја која има над 15 и пол илјади новоинфицирани и 113 мртви на дневна основа, сите несуштински продавници се затворени, сите услужни активности за кои е потребен физички контакт се суспендирани, теле-работата е задолжителна, а есенскиот распуст е продолжен до средината на месецот.
Контактите меѓу граѓаните се ограничени на еден близок контакт надвор од домаќинството и не треба да има надворешни собири на повеќе од 4 лица.
Во целата земја е во сила полициски час, а затворени се сите културни и спортски објекти, како и кафулиња и ресторани.
Иако белгиските власти ги повикаа граѓаните да не патуваат непотребно, аеродромот во Брисел беше преплавен за време на викендот со патници кои се обидоа да излезат од земјата пред генералното затворање.
Националниот центар за јавно здравје на Белгија денес наведува дека над 20.000 новоинфицирани лица биле евидентирани во земјата за еден ден минатата недела и предупредува дека „има уште многу да се направи до крајот на пеколниот период“.
Во Белгија, од почетокот на коронарната пандемија, над 440 илјади луѓе биле заразени со вирусот, а 11.737 починале.