Националната шума Бусако во Португалија стана првата сертифицирана терапевтска шума на Пиринејскиот Полуостров и една од само четирите официјално признати шуми од овој тип во светот.

Сертификатот го доделила организацијата „Healing Forest – International Certification Office“, по повеќегодишна процена на природните карактеристики и условите за организирање терапевтски престој. Признанието важи до 2031 година.

Шумата се наоѓа во местото Лусо, во општината Меаљада, и зафаќа површина од околу 105 хектари. Во неа растат приближно 250 видови дрвја и грмушки, а просторот е познат и по својата биолошка разновидност, историски градби и специфични пејзажи.

Терапевтските шуми не се само места за прошетка и одмор. Тие треба да исполнат посебни услови, меѓу кои заштита од бучава и ветер, патеки со различна тежина и уредени простори за терапевтски вежби, релаксација и медитација. Програмите ги водат обучени терапевти и тие може да се користат како поддршка на вообичаените медицински третмани, а не како нивна замена.

Концептот е поврзан со јапонската практика „шумско капење“ или „шинрин-јоку“, која подразбира бавно и свесно престојување во природата преку движење, набљудување и слушање на околината.

Истражувањата укажуваат дека престојот во шумска средина може да придонесе за намалување на стресот и анксиозноста, подобар сон и општо подобрување на психофизичката состојба. Бусако сега претставува пример за тоа како природните простори може организирано да се вклучат во современите пристапи кон здравјето и благосостојбата.

Извор: Euronews.com