„Првпат го посетив Чернобил во 2016 година, 30 години по експлозијата во реакторот број 4. Очекував тишина и пустош, место без живот, дефинирано од радијација. Наместо тоа, затекнав даброви како пливаат под нуклеарната електрана“, се присети новинарката Кејти Спејси во текст за BBC Science Focus.
Кога реакторот експлодираше на 26 април 1986 година, многумина очекуваа околината да остане мртва со децении. Зоната на исклучување, област со највисоко ниво на радијација и ограничен пристап, опфаќа околу 2.600 km² на украинската страна – приближно колку Луксембург. Ако се вклучат и соседните области во Белорусија, погодената површина достигнува околу 4.500 km².
Боровите шуми најблиску до електраната биле толку изложени на радијација што нивните иглички станале портокалово-црвени и се исушиле поради што областа била наречена „Црвена шума“. Раните истражувања покажувале исчезнување на мали цицачи и безрбетници во најзагадените делови.
Но денес се случува нешто поинакво. Животот повторно се развива. Белоопашест орел лови риби, големи бели чапји се движат низ плиткото, а волци и елени повторно се појавуваат во зоната. Дабровите ги населиле реките и каналите, а рисови, диви свињи и лосови ги користат напуштените подрачја.
Клучниот фактор не е само радијацијата, туку и ненадејното исчезнување на луѓето. Ловот престанал, земјоделството исчезнало, патиштата пропаднале, а човечкото вознемирување практично се изгубило преку ноќ.
Како што објаснува еволутивниот биолог Герман Ориазола, кој од 2016 година ги проучува ефектите во Чернобил: „Ако се фокусираш само на видовите што лошо поминуваат, ќе ја обвиниш радијацијата. Но често се менува целата средина — екологијата и отсуството на луѓе се огромни фактори“.
Иако постојат зони со висока контаминација, големите цицачи напредуваат и ретко се забележуваат екстремни деформитети. Животните со сериозни аномалии најчесто не преживуваат доволно долго за да бидат забележани во природата, па нивното отсуство не значи и целосно отсуство на влијание.
Во зоната живеат и габи богати со меланин кои растат во напуштените реакторски објекти. Некои експерименти покажуваат дека тие дури подобро растат во присуство на радијација, што отвора прашања дали можат делумно да ја користат како извор на енергија.
Посебна приказна се и дивите кучиња — потомци на домашни миленици оставени по евакуацијата во 1986 година. Генетски тие се разликуваат од популациите надвор од зоната, но тоа најмногу се поврзува со изолација, мал број единки и различни услови на живот, а не директно со радијацијата.
Што нè учи Чернобил
Со децении се зборувало за „празна шума“ идеја дека екосистемите изгледаат зелени, но се лишени од живот. Такви описи имале смисла веднаш по несреќата, кога радијацијата била посилна и човечката активност нагло исчезнала.
Но четири децении подоцна, ситуацијата е посложена. Во многу делови од зоната, пролетта носи богата орнитолошка активност птици пејачки, кукавици и славеи. Шумите повторно „звучат“, иако нерамномерно, зависно од локалните услови и загаденоста.
Во пооддалечените и најконтаминирани области сè уште постојат намалувања на инсектите и други локални нарушувања, што покажува дека опоравокот не е униформен.
Идејата за „празна шума“ затоа не опишува трајна состојба, туку момент во време. Екосистемот во Чернобил постојано се менува веќе 40 години.
Научниците нагласуваат дека зоната не е доказ дека радијацијата е безопасна, ниту модел за враќање на природата во урбани средини. Таа е нешто поинакво: природен експеримент создаден од катастрофа и напуштање.
Како што истакнува истражувачката Мери Мисио во книгата „Wormwood Forest“, зоната не претставува враќање во недопрена природа, туку создавање нов екосистем обликуван од контаминација и отсуство на луѓе.
Чернобил покажува дека природата може да се адаптира, но и дека тие промени не се едноставни ниту брзи. Радијацијата има реални биолошки ефекти, но истовремено отсуството на луѓе драматично го менува балансот на екосистемите.
Најважната лекција можеби е дека природата не се враќа „назад“, туку се преобликува. Во Чернобил, животот не исчезна, туку се приспособи на нови, екстремни услови, создавајќи екосистем кој не личи на ниту еден друг во Европа.


















