Иако е третиот ден од Велигден, кај многумина сè уште останале варени јајца од празничната трпеза. По неколкуте денови празнување и богати оброци, време е да се направи мала пауза од нив. Но наместо да се фрлат, постојат едноставни и вкусни начини да се искористат.
Варените јајца се практична намирница која може да стои во фрижидер неколку дена, па се идеални за брз појадок или ужина. Може да се јадат самостојно, само со малку сол, или да се додадат во сендвичи и свежи салати.
За оние кои сакаат нешто поконкретно, варените јајца може да се претворат во различни јадења. Една од популарните варијанти се полнети јајца (deviled eggs), каде што жолчките се мешаат со мајонез, сенф и зачини, па повторно се враќаат во белките.
Но можеби наједноставно и највкусно решение е подготовка на кремаст намаз од варени јајца.
Состојки за намаз од варени јајца:
- 4 варени јајца
- 2 лажици мајонез (или грчки јогурт за полесна варијанта)
- 1 лажичка сенф
- 2 лажици кисела павлака (по желба)
- Сол и бибер по вкус
- Малку лимонов сок (по желба)
- Прстофат лук во прав или еден мал чешне лук
Подготовка:
Излупете ги варените јајца и исечкајте ги на половини или четвртини. Ставете ги во блендер заедно со мајонезот, сенфот, павлаката и зачините. Изблендирајте кратко, во зависност од тоа дали сакате целосно мазна текстура или со мали парчиња.
Пробајте ја смесата и дополнително зачинете по вкус. Намазот е одличен за појадок или вечера, премачкан на парче леб или како дел од сендвич со свеж зеленчук.


















