Историјата е учителка на животот (Historia magistra vitae est). Оваа стара латинска изрека ја нагласува важноста од проучувањето на минатото. Но што се случува кога луѓето за тоа минато учат преку вештачка интелигенција (AI)?
Како што јавноста сè повеќе се свртува кон AI-четботови за да го разбере светот околу себе, дури и суптилните пристрасности во основните модели можат да влијаат врз разбирањето на историјата и на современите општествени процеси, пишува EurekAlert!
Токму затоа Даниел Карел и неговите колеги ги истражувале ефектите од ненамерните и намерните политички пристрасности во големите јазични модели (LLM). Во истражувањето учествувале 1.912 испитаници кои читале резимеа генерирани од GPT-4o и од Википедија за два историски настани од 20 век: генералниот штрајк во Сиетл во 1919 година и студентските протести на Фронтот за ослободување на Третиот свет од 1968 година, кои барале поголема застапеност на етничките малцинства во академијата.
Некои AI-резимеа биле генерирани со либерална или конзервативна рамка, а други со стандардниот модел. По читањето, од учесниците било побарано да изразат став за прашања како оправданоста на работничките штрајкови и улогата на образованието во промовирањето на социјална правда. Одговорите биле оценувани на скала од 1 (екстремно конзервативно) до 5 (екстремно либерално).
Резултатите покажале дека резимеата со стандардна или либерална рамка воделе кон полиберални ставови отколку текстовите од Википедија, додека конзервативната рамка предизвикувала малку поконзервативни ставови.
Според авторите, луѓето што бараат непристрасни информации од AI можат несвесно да бидат под влијание на латентните пристрасности на моделите. Ова отвора важни прашања за тоа како растечката употреба на вештачка интелигенција може да го обликува нашето разбирање на историјата и на општеството.


















